Американската амбасадорка Анџела Агелер, во интервју за утрешната емисија „Стадион“ на Канал 77 зборува за цврстите докази на кои се засновува секое вклучување на име во американската „црна листа“, вклучително и на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев. Агелер вели дека корупцијата не е ексклузивно прашање на кое е фокусирана американската администрација, кога е во прашање Македонија, туку не помалку се важни состојбите во здравството, образованието, реформите што се важни за што побрзо интегрирање во Европската унија. Вклучително и реформите во правосудството за кои Агилер вели дека зависат од секоја индивидуа во областа поединичено.
-Тие мораат да кажат не! на обидите за влијание од политичари или бизнисмени. Тие мораат да ги носат тешките одлуки за да ја заштитат државата. Како ќе се одвива тој процес зависи од државата. Дали судиите и сите службеници треба да бидат „одобрени“? Дали нивните приходи треба да бидат преиспитани? Јас мислам да, нашите приходи се преиспитуваат. Секоја година морам целосно да ги елаборирам моите финансии, исто како и мојот сопруг. Тоа е нормално. Не е невообичаено. Сметам дека тоа не се прашања на кои треба да одговорам јас, но мислам дека би помогнале, рече Агелер.
Прашана за шпекулациите за поврзаност на Анѓушев, кој се најде на „црната листа“ со поранешниот премиер Зоран Заев, кој јавно го одбрани, американската амбасадорка рече дека право на Заев е да зазеде за неговиот пријател.
-Со поранешниот премиер сум разговарала многу, иако не во последно време. Тој настапи и се зазема за свој пријател и секако има право да го стори тоа. Ќе кажам дека – исто како и со именувањето на Орце Камчев и неговите организации – она што го видовме е дека, често, кога се работи за овие означувања, како и за корупцијата, тоа со кои луѓе работите може да влијае на вашето семејство. Значи, апсолутно е негово право да каже се што сака за неговиот пријател, одговори Агелер.
Во интервјуто Агелер зборува и за смртта на 14-годишната Вања Ѓорчевска, оценувајќи дека девојчето ја плати цената, затоа што системот не се справил со криминалци,за кои системот знаел за нивните злодела. Не биле апсени и целосно гонети за нивните претходни злосторства. Агелер вели, тие криминалнци не морале да ја платат таа цена, па цената ја плати една млада девојка – Вања ја плати цената.
Интервјуто со амбасадорката на САД, Анџела Агелер е утре (сабота) во 10 часот на Канал 77.