Новогодишната атмосфера почнува да се чувствува и во Скопје. Екипите на градот од вчера почнаа со украсување во централното градско подрачје додека дел од главните градови во соседните држави веќе се украсени.
Градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска на почетокот на оваа недела најави дека градот ќе блесне во новогодишно руво на 15 декември и дека годинава ќе бидат потрошени драстично помалку пари за новогодишно украсување за разлика од претходните години, односно дека годинава ќе бидат потрошени 30 илјади евра за разлика од претходно кога за новогодишно украсување биле трошени од 90 до 245 илјади евра.
Останатите градови низ државата, освен Тетово, каде локалната власт најави дека нема да има новогодишно украсување, веќе се украсени или почнале со украсување.
Струмица од средата е украсена со елка висока 20 метри поставена на метална конструкција со вештачко зеленило и лед светилки на Градскиот плоштад, а новогодишен лик добија и влезот во градот од Радовиш и други локации во централното градско подрачје.
Општина Битола уште од претходната недела започна со новогодишно украсување градот, а првите новогодишни светилки од синоќа се поставени во Старата битолска чаршија и над мостовите на реката Драгор во тој дел од градот, а од Општината најавуваат дека украсувањето продолжува кај Саат-кулата, низ Широк сокак, се до Офицерскиот дом каде празничната слика ќе биде комплетирана со новогодишна елка.
Во рамки на новогодишното украсување во Општина Велес, првпат со лед светилки целосно се украсени стеблата на сите дрвца од кружниот тек „Авона“ во новиот дел на градот се до центарот надолу и по улицата се до Градскиот Саат, а ќе има и новогодишен базар којшто ќе биде отворен од 22 до 30 декември.
Општина Штип започна со украсување на централното градско подрачје со тоа што во текот на неделава се поставуваше елката, а украсувањето со светилки и украси на мостовите и улиците е почнато од викендот. Градоначалникот на Штип очекува градот да биде целосно украсен пред Свети Никола, патрониот празник на градот.