Обвинителката Ленче Ристоска објави дека го добила случајот против Советот на јавни обвинители по нејзината претставка за дискриминација поднесена до Комисијата за спречување и заштита од дискриминација.
Според одлуката на Комисијата, Советот на обвинители и нејзиниот претседател Антонио Јолевски имаат рок од 30 дена јавно да ѝ се извинат на обвинителката Ристоска за тежок облик на дискриминација кон неа.
-Комисијата за спречување и заштита од дискриминација ја уважи мојата претставка и утврди директна продолжена дискриминација како потежок вид на дискриминација по основ на лично својство и општествен статус извршена од страна на Советот на јавни обвинители.
Во време кога е модерно да се декларират заложби за етичко лидерство во институциите и култура на професионален и личен интегритет, како и родова и секој друг вид на рамноправност, декларативноста треба да се замени со практична и јавна подршка на поединците што ги поседуваат овие квалитети и ги водат овие битки, објави Ристовска на нејзиниот Фејсбук профил.
Воведувањето на мерит систем, наспроти практикување на дискрециони овластувања, како што наведува таа во Фејсбук статусот, ќе влијае на зголемување квалитетот на работата и консеквентно на довербата во јавнообвинителскиот систем, бидејќи е едно од најсилните оружја против корупција, клиентелизам и дискриминација.
Ристоска која беше обвинителка во СЈО, поднесе пријава против Советот на јавни обвинители со тврдење дека неправедно и без никаков основ ги игнорирало нејзините апликации за избор во Вишото јавно обвинителство.