Без да ја коментирам и да навлегувам во детали за оправданоста на одлуката на Стејт департментот за забрана за влез во САД на поранешниот вицепремиер Кочо Анѓушев, само ќе напоменам, како и порано кога сум бил премиер, така и сега, стојам на располагање за сите потребни одговори и разјаснувања на определени теми од интерес на нашите стратешки пријатели и партнери во врска со било која општествено-економска и политичка тема во земјава вклучително и основот за сомневањата кон Анѓушев“, вели во писмена изјава за медиумите поранешниот премиер Зоран Заев.
Претходно, како што објавивме, американската амбасадорка Анџела Агелер на денешниот брифинг со новинари посочи дека ставањето на Анѓушев на „црната листа“ не се должи на сомневања, туку на многубројни докази за негова вмешаност во коруптивни активности.
– Јавно сакам да го споделам мојот став, кој веќе ѝ е познат на јавноста, а тоа е дека Кочо Анѓушев и неговиот тим беа едни од најпосветените и најспособни луѓе и кабинет во Владата во периодот додека бев јас премиер. Голем дел од економските успеси на Владата беа директна заслуга на Анѓушев. Северна Македонија ретко кога имала вака висок функционер, кој е и професор, но, пред сѐ, успешен деловен човек со огромно практично искуство во економската проблематика и предизвиците на државата во економијата – вели поранешниот премиер.
Заев вели дека како премиер му било чест што имал таков соработник кому економијата и државата му биле секогаш на прво место.
– Знаеше да каже и да покаже дека неговите фирми и капитал вредат онолку колку што ни вреди државата и дека само со успех на државата може да имаме сите надеж дека ќе успееме во сопствените приватни и деловни планови. Сите шпекулации што ги слушам деновиве, дури и од одредена јавна институција, ги сметам за неосновани затоа што Владата и стручните служби своевремено им имаат обезбедено и испратено навремен, соодветен и основан одговор – вели Заев.
Тој истакнува дека Анѓушев е негов пријател и соработник кој исклучително го почитува и дека лично во 2017 година го замолил да прифати да одработи одреден период за македонскиот народ и за државата.
– Тоа го правеше чесно, одговорно и посветено. Денеска, ја има мојата поддршка во докажување на неоснованоста за сомневањата кон него изразени од нашите пријатели Соединетите Американски Држави – порача поранешниот премиер Заев.