Претседателот Стево Пендаровски вели дека неодамнешното двојно грозоморно убиство на површина го извлече фактот дека дел од радикалните структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици, соопшти Кабинетот на шефот на државата.
Пендаровски, како што се наведува во соопштението, посочил дека времето на растечкиот национализам не ја одминува и нашата држава и дека за жал, сè почесто сме сведоци на националистички провокации што доаѓаат од одредени политички и верски кругови, со единствена цел, преку наметнување на својот светоглед да ја нарушат стабилноста на државата и да го минираат демократскиот поредок.
-Добар дел од овие напади се резултат на пропагандни кампањи од странски центри или на нивна директна инфилтрација и поддршка на радикални политички организации. Неодамнешниот трагичен настан кој заврши со двојно грозоморно убиство, на површина го извлече занемарениот факт дека дел од овие радикални структури не само што се активни кај нас, туку и дека нивната политика и говор на омраза можат да резултираат со трагични последици. Затоа сметам дека првенствена задача на сите демократски политички структури е јакнење на отпорноста на институциите и континуирана борба против екстремистите, без дневно политички калкулации, истакнал Пендаровски вчеравечер во обраќањето на конференцијата по повод Меѓународниот ден на човековите права, 10 декември, во организација на Агенцијата за остварување на правата на заедниците и Мисијата на ОБСЕ во Скопје.
Пендаровски ја посочил важноста на одбележувањето на 75 годишнината од донесувањето на Универзалната декларација за човекови права од страна на Генералното собрание на Обединетите нации, токму на овој ден во далечната 1948 година, кој од тогаш се одбележува како меѓународен Ден на човековите права.
-Седум и пол децении подоцна имаме право да бидеме горди на промените кои во светски рамки се случија во однос на заштитата и промоцијата на човековите права и слободи во однос на стартната основа од која тргнавме. Треба да имаме предвид дека почетокот на борбата за човековите права беше само неколку години по ужасните страдања во Втората Светска Војна за кои одговорноста ја имаа тоталитарните и репресивни режими како што беа нацизмот и фашизмот, истакнал претседателот на конференцијата.
Тој навел дека епохата на глобалното демократско назадување низ која проаѓаме како своја прва жртва ги има човековите права и слободи како на национално, така и на меѓународно ниво.
-И покрај тоа што на регионално и глобално ниво постојат повеќе меѓународни организации чија што примарна надлежност е, меѓу другото, заштитата на човековите права, како што се Обединетите нации, Советот на Европа, ОБСЕ, но и судски институции како Меѓународниот кривичен трибунал со надлежност да ги гони најтешките прекршувања на човековите права, се чини дека времето на глобалниот консензус за човековите права е зад нас, а надоаѓа една нова ера на војни, репресија и авторитарни режими, нагласил Пендаровски.
Во своето обраќање претседателот Пендаровски истакнал дека човековите права не се привилегија, помодарство или идеолошка конструкција. Тие, како што посочил, се неотуѓив дел од човековото битие, цивилизациско достигнување и услов за мирот во светот и опстанокот на човештвото.
– Во таа смисла, сите критики што доаѓаат од националистите или т.н. суверенисти од различна идеолошка провиниенција дека човековите права се креација на западниот либерализам се само изговор за легитимирање на домашната репресија, или за случаите на надворешна агресија, навел Пендаровски.