Денеска – по повод Меѓународниот ден на борбата против корупцијата – ние, младите од Европскиот сојуз за промени, сме тука пред Трговскиот центар „Соравија”, кој веќе е познат како Трговскиот центар „Али Ахмети”, симболично преку оваа акција и блокирање на овој пат, да го привлечеме вниманието на јавноста и да изјавиме дека корупцијата има свое лично име, велат од Европскиот сојуз за промени.
Како што велат „на денешен ден, кога Обединетите нации ја одбележуваат 20-годишнината од Декларацијата за борба против корупцијата, со која се изјаснија дека причината за проблемот со неразвиеноста во светот е токму корупцијата, ова нè потсетува на списокот на Транспаренси Интернешнл, каде Северна Македонија секоја година бележи пад“.
– Затоа се прашуваме како да не е овој пад и како да не биде ова ниво на корупција кога токму лидерот на албанската партија ДУИ се споменува дека е вистинскиот сопственик на овој трговски центар вреден неколку милиони евра? Се разбира, тој не е ниту единствен, ниту прв, ниту пак последен. Али Ахмети и Соравија се само симболичното име на корупцијата во Северна Македонија, а тој и неговите соработници се тие кои со својата корупција, присвојувајќи незаконски милиони евра од граѓаните, станаа вистинските причинители на масовното иселување на нашите граѓани од земјата.
Затоа, ние денеска симболично донесовме предмети од семејствата кои во меѓувреме ја напуштија земјата. Секое семејство што избегало поради овие корумпирани политичари оставило зад себе ранци, учебници, тетратки и детски играчки, барајќи подобар живот за своите деца.
Денеска овие предмети му ги оставаме на сопственикот на Соравија, за да ги има како спомен од сите тие семејства што тој и неговите соработници ги избркаа од своите домови. Нека знае јавноста дека само од 2002 година од Северна Македонија се иселиле над 300.000 луѓе. Толку нè чинело збогатувањето на семејствата Ахмети и Груби, велат од ЕСП и додаваат:
-За да го запреме овој негативен тренд и овој егзодус, тука сме да укажеме дека 8 мај 2024 година е последниот момент кога ние ќе го зацртаме нашиот европски пат, не со бегство во Европа, туку со донесување на Европа во нашата земја. Ние во ЕУ, а корумпираните во затвор, рекоа од ЕСП.