Непочитувањето на моментот, на болката на најблиските, на соучениците, на младите, на децата од тоа и од другите училишта е повторено злосторство. Затоа што во моментот кога е убиено 14 годишно дете, да се излегува со агресивни коментари ја прават уште поморбидна атмосферата. Неопходна е контрола на социјалните мрежи, каде се изразува агресијата, се пишува нешто без контрола, за да се изрази бесот. Ова е став на психијатарот Димитар Боневски, универзитетски професор, кој смета дека сега е вистинскиот момент да се запре агресијата, која ескалира во општеството.
-Шокиран сум, нема ништо логично во случајот. Постојат начини да се надминат последиците и подржувам што влегле психолози во училиштето на Вања. Ова би требало да биде некое масовно отрезнување на сите нас дека насилството, се чини, нема граници и работите може да отидат предалеку и крајно време е да имаме севкупна стратегија за стивнување на агресијата воопшто и превенција за зголемување на тие агресивни модели на однесување, кои во крајна линија можат да доведат до вакви ситуации. Ова е момент кога треба да се појаснат случувањата на децата од градинка до факултет, каде треба сериозно да се размисли за психолошката состојба на младите, да се надминат ваквите ситуации, кои имаат трајни последици по нивното ментално здравје. Да се намали агресијата, рече психијатарот Боневски во „Стадион“.
Според него, молкот е најсоодветен одговор на грозоморното дело.
-Говорот на омраза само ја ескалира агресивноста во општеството. За мене најсоодветен е молкот, како облик на давање на почит на жртвата и оние кои се најзасегнати. Теориите на заговор никако не се од полза. Верувам во тоа дека има надлежните органи ќе ја направат таа истрага и ќе дојдат до сторителите. Влегувањето во расправа, ја прави таа ситуација уште погрозоморозна и ја прави агресијата на луѓето уште поголема. Не сме во праисторија и секој да ја земе правдата во свои раце. Сите сме шокирани, но не е на нас ние да линчуваме. Постојат правила секој да го направи своето, а психолозите да работат на ментално здравје. Ова треба да не’ натера поорганизирано стратешки да делуваме, мултидисциплинарно, бидејќи сам никој не може – ни обвинител, ни полиција, ни новинари. Мора нешто заедно да се сториме да се намали агресивноста, бидејќи премногу ја има, смета Боневски.
Во општество со изразена агресија гинат невини луѓе, а во случајот гинат невини деца. Боневски е на став дека дури и реакцијата на овој грозоморен чин, мора да биде посоодветна. Како што вели, да се спушти малку топката и да не се реагира со агресија, бидејќи агресијата раѓа агресија, што е разбирливо, убиено е невино дете. Луѓето имаат потреба да го изразат бесот од овој чин, но не со агресија.