Корупцијата по втор пат е на врвот на проблемите во македонското општество, но сепак и понатаму останува неказнива – алармираше Македонскиот центар за меѓународна соработка.
Податоците до кои дошол Центарот во рамките на најновото истражување, говорат дека на секој трети граѓанин во државата му било побарано мито, а секој четврти дал. Тоа значи дека во последната година, мито им било побарано на пола милион граѓани, а било дадено од околу 380.000.
Според директорот на МЦМС, Александар Кржаловски овие бројки не одговараат на состојбата со справување со корупцијата, особено ако се знае дека во домашниот судски систем имам 98 пресуди за злоупотреба на службена должност, а само четири за давање или примање поткуп.
„Во ова истражување беше земено предвид и мислењето на граѓаните, според кое ситуацијата е полоша во институциите. Односно граѓаните ги перцепираат министрите, лидерите на политичките партиии и судиите како најкорумпирани професии и следствено најкорумпирани институции владата, судовите и парламентот. Таму и треба да почне да се води борбата против корупцијата“, вели Кржаловски.
МВР и ДКСК со најголема доверба кај граѓаните
Истражувањето покажува дека МВР и Државната комисија за спречување корупција уживаат најголема доверба како институции за справување со корупцијата.
„За разлика од минатите години, малку подобро е дека граѓаните гледаат некаква надеж во справувањето со корупцијата. Досега помалку од 30 отсто веруваа дека може да се сузбие корупцијата, сега е тоа стигнато скоро нa 50 отсто и би рекол дека тоа е главно од напорите на Комисијата за спречување на корупција и Државниот завод за ревизија“, изјави Кржаловски.
Тој додава дека најчесто е застапена таканаречената ситна корупција и е распространета во сите области од здравство и образование до градежна индустрија.
Сепак, Кржаловски потенцира дека институциите треба да се позанимаваат и со крупната корупција, особено онаму каде што има најмногу пари во оптек.
„Тука не би го избегнал прашањето на коридорите каде што сметам дека е неверојатно да даваме 15 милиони за километар автопат во ситуација кога само неколку години претходно сме направиле автопат по европски стандарди Демир Капија – Смоквица за цена од шест милиони евра по км. Не може ниту зголемени цени ниту инфлација да оправда повеќе од 30 отсто покачување. Треба институциите да се позанимаваат додека не сме навлегле длабоко во тој проект да се ревидира тоа и да се сведе на нормална мерка. Никој не е против коридори, но не по овие цени. Тоа треба да се испита детално пред да се навлзе во самата градба“, предупредува првиот човек на МЦМС.
Со оглед на ниските оценки за справување со корупцијата, претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, вели дека автоматски за ова прашање е ниска и нејзината оценка.
„Мојата оценка ја базирам на аргументи, а тоа е – како се постапува по нашите препораки, како се постапува по иницијативите, како се постапува по активностите предвидени во националната стратегија за секоја институција што треба да преземе за да се намали корупцијата. Имајќи го предвид фактот дека оценките се многу ниски автоматски и мојата оценка е многу ниска и сум на ставот дека мене повеќе ми личи дека заложбата е декларативна. Од друга страна, она што се случи со Кривичниот законик, што фактички е ново поле за трговија во влијанија и партиски пазарења, мене не ми влева надеж дека борбата со корупцијата ќе се зајакне. Напротив, остава простор за нови договарања, препукувања и нови жаришта на корупција“, вели Ивановска.
Таа забележува дека актуелниот состав на Антикорупциската комисија, всушност потрошил многу време на нешта кои не се дел од суштинската работа на ова тело.
„Тоа се обезбедување услови, обезбедување ресурси и така натаму, работи кои сметам дека требаше да ги има институцијата имајќи предвид дека согласно законот има поголеми надлежности. Она што радува од извештајот, иако број еден проблем е корупцијата кај граѓаните, радува фактот дека вербата кај граѓаните за справување со корупцијата расте. Расте и отпорот на граѓаните коишто се спротивставуваат на корупцијата, а за нас особено е важно што рејтингот на довербата на Комисијата е зголемен во однос на минатата година. Ова на некој начин е позитивен фидбек за нашата работа и за нашите апели кои сме ги давале до граѓаните, фактички тоа е нашата превентивна улога“, додава Ивановска.
Шефот на државата пак, Стево Пендаровски вели дека најголем проблем не е реториката за корупцијата, туку имплементацијата и тоа е делот каде што паѓаме. Забележува дека корупцијата во земјава трае со години, но со оглед на тоа дека се движиме кон предизборен период, нема да бидат возможни некакви фундаментални зафати.
„Она што посебно ме загрижува иако го знаеме, холандскиот амбасадор во едно жестоко интервју со критики на оваа тема, вели дека треба да го промениме менталитетот. Значи не само законите и прописите, туку менталитетот се менува со години и години ако при тоа, има јасна политичка волја, широк консензус општествен и политички да го менувате. Значи се наоѓаме пред еден долг политички и општествен процес“, истакна Пендаровски.
Прашан дали според него, институциите во последните четири години покажале волја за справување со ваквиот горлив проблем, тој истакнува дека самите бројки покажуваат во кои сегменти немало волја и има лоши резултати.
„Има сегменти во кои е направен исчекор. Немојте да заборавите, кога сите ја фалиме со право Антикорупциска, дека таа е бирана во овој мандат. Луѓето кои се уште седат во парламентарните клупи, направија крупна работа. Ќе биде погубно ако во наредниот извештај за напредокот на Македонија од ЕК ако немаме ниедна институција која напредува, а сега имаме барем една“, истакна Пендаровски.
Вицепремерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска не знаеше да го каже бројот на случаи во кои е забележано прекршување на Етичкиот кодекс од страна на функционерите. Сепак, уверува дека секогаш кога имало прекршување, било и постапено.
„Ние сме кабинет од 6-7 луѓе и немаме капацитет да следиме се што се случува. Ниту една не ни била тешка затоа што фактите биле секогаш многу очигледни и не ни било проблем за постапување. Ние го имплментираме Етичкиот кодекс без разлика на тоа за кого станува збор. Мерките кои ги предлага Кодексот, препораките таму во смисла на опоменување се недоволни. Веќе имаме драфт-законско решение кое ќе го врземе во еден дел за оние кои не постапуваат согласно кодексот, за лицата кои се на листата на санкции“, истакна Грковска.
Таа рече дека ги читаат и сите извештаи на Државниот завод за ревизија, а последните два кои ги следат во континуитет и со акциски планови се оние поврзани за работата на Клиниката за онкологија и за Агенцијата за филм.
Незадоволство од постапувањето на институциите по извештаите од ревизорите
Првиот човек на Заводот за ревизија, Максим Ацевски сепак не е задоволен од начинот на постапување на надлежните институции по конечните објавени ревизорски извештаи.
Конечниот ревизорски извештај за работењето на ЈЗУ Клиниката за онкологија и радиотерапија беше објавен во март, но доби значење дури во септември кога веќе се направи дополнителен притисок од страна на медиумите за негово разгледување во Собранието – истакна Ацевски.
Според него, таквата соработка во иднина мора да се зголеми и пред сѐ да се обезбеди дополнителен притисок и од медиумите, посочувајќи дека ДЗР за 2022 година до Јавното обвинителство доставиле 22 извештаи за 20 институции, но повратна информација досега добиле само за пет конечни ревизорски извештаи.
„И се случи за првпат во историјата на работењето на Државниот завод за ревизија и на работењето на Собранието на нашата држава да се разгледува конечниот ревизорски извештај во Комисијата за финансирање и буџет кој има донесено повеќе заклучоци во кои учествуваше и ДЗР. Напоредно конечниот ревизорски извештај се користеше и како работен материјал во Анкетната комисија во која има одредени заклучоци. Видовме како заврши“, рече Ацевски.
Тој соопшти дека по овој конечен ревизорски извештај во соработка со Владата, побарано е Државниот завод за ревизија да достави заклучоци кои ќе бидат дел од заклучоците кои ќе се разгледува конечниот ревизорски извештај во рамките на Генерален секретаријат, соодветната комисија и во Влада, со цел, како што рече, да се задолжат надлежните органи за постапување.
Вања Мицевска