Пејачката Андријана Јаневска со магистратура и докторат е најписмената пејачка во Македонија. Децении успешно ги турка сите животни обврски, работата, семејството и кариерата. Одмерена, без скандали Андријана успева да биде мајка, сопруга, професорк и пејачка. Како жена пак, иако ја помина 40-тата изгледа како девојче.
На последниот „Макфест“ настапи со песната „И без тебе можам“ и уште еднаш покажа дека мајстор на својот занает. А за изгледот, за неа важи правилото – годините не ѝ можат ништо.
Таа за ММС ги откри тајните на нејзиниот изглед, прозборе за семејниот живот, пасијата возење мотор, но и музичките планови.
На што се должи твојот младешки изглед, со години ја одржуваш истата линија?
-Уживам во животот и во малите нешта што го прават посебен. Во секојдневниот живот, во дружење со другарите, во смеење. Во среќата е тајната, а не колку ќе изедеш. Во теретана не одам, напротив сакам природа. Не можам да седам во затворени простории. Кога имам време одам на Водно иако многу ретко. Порано тренирав, одев на пливање кај Наташа Мешковска, но сега не тренирам ништо. Сега воопшто и немам време за тоа, бидејќи секој ден имам некои активности.
Колку внимаваш на исхраната?
-Има една реченица- не е важно што јадеш важно е што те јаде тебе. Значи многу е поважно психичката состојба, да бидеш среќен. Јас не внимавам на исхрана. Јадам и пијам без да внимавам иако мислам дека и генетиката има влијание во тоа. Бидејќи сум таква енергична, мислам дека и на тој начин се трошам. Затоа не мора да значи дека мораш да одиш во теретана. Шетам секој ден со децата и не внимавам на исхраната. Летово со децата секој ден одевме кај Вршац на кебапчиња и пиво. Децата си сакаат и си уживаме. Со децата одиме и на пица. Не се воздржувам од ништо иако имам 42 години.
Те гледаме со мотор, од каде таа желба?
-Да возам, големи мотори. Искрено немав толку љубов, повеќе беше предизвик. За време на короната кога се затворивме не можев да издражам да не правам ништо. Јас сум таков тип, сакам да учам нови работи и си реков ај да пробам да возам мотор. А инаку не сум имала преголема желба за возење мотор. Ама ете испадна дека ми се допаѓа, ми одговрара на духот, сакам да патувам. Таков тип сум. Имам „хонда 600 кубици, голем е 220 килограми. Најдалеку сум возела 500 километри во еден правец без пауза. Бев на Метеорите, на манастирите, а и низ Македонија. Во Македонија не возам брзо, не се добри патиштата за брзо возење, па сега бев за Охрид и нема шанси. Ама си возам колку што е дозволено. Секогаш се возам сама, не сакам никој да возам со мене.
Цели 15 години те немаше на „Макфест“, што те натера сега да се вратиш?
-Песната ме врати. Ја направи Дамјан Лазаров и е стил кој го сакам. Јас сум поп пејач и ѝ должам на публиката една ваква песна. Ја направивме летото.
Важиш за најписмена пејачка со магистратура и докторат. Па задоволна ли си од се она што си го отпеала досега?
-Нормално кога се гледам кога сум била помлада и си гледам некои настапи си викам сега би отпеала поинаку, но тоа е. Гласот еволуирал, созреал, ти си созреала како личност, не сме исти ние. Се менуваме. Тоа за тогаш било арно, сега е друг јс сум созреала како личност. Тоа е, времето си тече.
Колку влијаеш на децата да ја сакаат или да се занимаваат со музика или им оставаш сами да бираат. Сепак, и ти и Гино сте музичари.
-Димитар има 12, а Кристијан има осум. Тие се музикални и одат на музичко. Но, не знам како да кажам. Они сакаат да свират, но нашата професија не е толку лесна како што изгледа од страна. За да стасаш до нивото да бидеш професионален виолинист или воопшто професионален музичар па и пејач треба многу време. Не е само до талентот. Ќе видиме. Знаеш какви се денешните деца, сакаат успех веднаш. Но, јас ги учам дека тоа е процес, дека не може така. Димитар свири пијано, Кристијан виолина и многу се музикални. Би сакала да бидат музичарии, но ако животот ги упати кон некој друг правец тоа е тоа. Треба, сепак, со љубов да ја работиш работата. Јас ја работам со љубов и затоа не ми претставува оптоварување.