Утре во Европскиот Параламент во Брисел, на свечена церемонија, Штип ќе биде прогласен за Европски град на спортот во групата со 16 други градови. Делегација предводена од градоначалникот Иван Јорданов веќе е во Брисел.
Организациониот одбор на Европската асоцијација на градови на спортот (АCES Europe), веќе ги објави селектираните градови. Штип е во групата со Солун – Грција, Приштина – Косово, Херцег Нови – Црна Гора, како и неколку други градови од Шпанија, Франција, Португалија, Србија.
На утрешната Гала ACES Europe Awards, ќе бидат доделени титулите на повеќе од 50 градови, вклучувајќи ги и трите престолнини на спортот: Софија (Бугарија) – Светска престолнина на спортот 2024 година, Џенова (Италија) – европска престолнина на спортот 2024 година и Сан Хуан (Аргентина) – Американска престолнина на спортот 2024 година.
Градовите што ќе ја понесат титулата Европски град на спортот имаат обврска да работат на популаризација и унапредување на спортот и да организираат спортски настани, манифестации и натпревари. За овие активности може да побараат поддршка од Европската комисија.
Како што наведува Европската асоцијација, градовите кои се избрани, им оставаат во аманет подобра спортска иднина на своите граѓани. Како пример го наведуваат Антверпен, Евроспки град на спортот во 2013 година, каде активните луѓе се зголемиле за 10%.
Потоа, враќање на инвестицијата, а како пример се споменува Андалузија,која стана Европски регион за спорт 2021. Регионот имаше поврат на инвестицијата од 156 милиони евра.
Меѓу другите придобивки се споменува активното вмрежување, размена на најдобри практики со други градови и учество на неколку конгреси со мрежа од повеќе од 3.000 градови ширум светот. Можност за добивање евопски грантови, при што секоја година ACES Europe вклучува градови во различни проекти и повици на ЕУ.
Штип е вториот град од Македонија по Куманово, со титулата Европски град на спортот.
В.К.