Оваа година нема потреба од прашањето кој е најубаво новогодишно украсен град во Македонија! Се подразбира, веќе трета година по ред, круната ја носи Крива Паланка, град, кој веќе ги навикна на убавина не само жителите во државава, туку и од Бугарија и Србија. Веќе се знае дека новогодишните фотографии за спомен се прават токму тука.
Но, ако изминатите години се зборуваше за најубаво украсен плоштад, оваа година со гордост може да се каже дека новогодишно блесна целиот град.
– Кога се шетаме низ град имаме чувство дека се шетаме низ некоја светска метропола. Толку е убаво украсена. Цел град е накитен, влез, излез, главната улица, паркот и плоштадот. Преубаво е. Оваа година е уште поубав од лани и преклани. Освен главното облежје-елката, стандардните куќички, новогодишни украси, блеска каде и да се свртиш, се фалат кривопаланчани.
А за да се направи убавина не е се до парите, напротив и со помалку задоволството може да биде големо. Затоа низбежно е а да не се праша колку чини ова задоволство.
-Оваа година одлучивме да го накитиме целиот град, не само плоштадот. Дел од украсите се веќе постоечки, но секако купивме и нови за да можеме да го украсиме цел град. Има куќички, за чие изнајмување веќе е објавен оглас, деновиве ќе почне и новогодишниот базар.
Две години градот го красевме со донации, а оваа година новогодишното украсување е само со средства од општината. Издвоивме милион ипол денари од буџет на општина, вели градоначалникот Сашо Митовски.
Но, овие пари, секако не се потрошени само за украсите, дел од овие пари ќе бидат потрошени за новогодишниот базар, за новогодишната музичка програма и за деца и за возразни.
-Секако дека ќе има забава и за возрасните, но оваа година решивме акцентот да го дадеме на најмалите, што значи дека најголем дел од планираните забави ќе бидат посвтени на децата. За неколку дена ќе се знае кој ќе биде задолжен за новогодишните журки. Засега немаме во план да организираме дочек на Нова Година на плоштад, журките ќе траат до 31 декември, додава Митовски.
Трета година по ред Крива Паланка е магнет за жителите од останатите градови за традиционалното новогодишно уживање. Ако до скоро тој примат го имаше Скопје, тоа веќе не е така.
-Со луѓе и пријатели што не сме се виделе одамна, годиниве се гледаме предновогодишно во Крива Паланка. И драго ни е што токму нашиот град во овој период е број еден место за прошетка. Низ годините и ние и тие одевме во Скопје да се сликаме под елка и со дедо Мраз, а веќе трета година сите доаѓаат кај нас за сликање.
Интересно е што навечер, па и преку ден кога ќе излеземе да се прошетаме низ улиците среќаваме луѓе од други градови и држави. Нема кој од нас не се фали со убаво украсениот град, особено што место да одат во Скопје, тие доаѓаат кај нас. Па и за фалење е. Оваа година во Крива Паланка се случија многу убави настани кои ги привлекоа луѓето да дојдат да ни го видат градот, а новогодишнава бајка е бајка за Среќна Нова Година, велат кривопаланчани.