Утрово во 9.52 часот во штипската полиција имало пријава од основно училиште во Општина Карбинци дека околу 9.30 часот во училишниот двор со патничко возило „голф“ дошло младо машко лице, кое според пријавеното, поканило ученичка да влезе во неговата кола за да одат на кафе, но таа веднаш се вратила во училиштето и пријавила кај директорката, се вели во информација од СВР Штип.
Директорката на училиштето „Страшо Пинџур“ Наталија Костова за телевизијата Стар изјави дека киднаперите во возило со скопски регистарски таблици се обиделе да ги земат децата, но кога не успеале – избегале.
Откако во медиумите беше објавена информација дека е спречен обид за киднапирање во училиштето во Карбинци МВР најостро ги демантира нарекувајчќи ги шпекулации овие вести кои денеска се проширија по одредени портали, локални телевизиски станици и социјалните мрежи за наводен спречен обид за грабнување на малолетно лице во училишен двор во општина Карбинци.
„ Пласирањето на ваквите шпекулации, од кои дел и во дневно-политички цели, е со цел да предизвикаат паника, вознемиреност, постојано чувство на страв и несигурност кај граѓаните. Апелираме до граѓаните да не наседнуваат на вакви шпекулации. Исто така, им благодариме на медиумите кои ги проверуваат информациите во надлежните институции“, се вели во информацијата од полицијата.
Во врска со овој настан утрово и градоначалникот на општина Карбинци, Виктор Паунов даде изјава за ТВ Стар, во која вели дека имало обид за киднапирање на две деца.
-Имаше обид за грабнување на две деца, на двајца ученици од ОУ „Страшо Пинџур“. Обидот е спречен, неуспешен за оние лица кои имале таква намера. Тоа што нам нè загрижува е што безбедноста навистина е доведена до знак прашање, колку сме ние безбедни, колку нашите деца се безбедни во училиштата и која безбедност можеме да ја имаме како граѓани на јавните места кај што се движиме. Министерството за внатрешни работи треба да се замисли какви се активностите нивни, која е нивната задача во однос на безбедноста на граѓаните и на учениците. Вакви настани веќе се навикнавме да биде пракса, да се случуваат секаде и во секое време, рече градоначалникот за ТВ Стар.
Тој посочува дека ова е сериозен проблем кој сите заеднички треба да го решаваме и да го сфатиме многу сериозно.
-Училиштата се места каде треба да се образуваат, воспитуваат учениците, а не да бидат малтретирани или не дај Боже да се случуваат вакви немили настани. Мотивите не ги знаеме. Веројатно МВР ќе поработи на откривање на мотивите и на сторителот, истакна градоначалникот.