МВР распиша меѓународна потерница по Љупчо Палевски кој како што рече денеска министерот Оливер Спасовски е организатор и реализатор на убиството на 14-годишната Вања Ѓорчевска од Скопје и на 74-годишниот Панче Жежовски од Велес.
„Љупчо Палевски род.12.12.1964 год. во Скопје се бара со меѓународна потерница за истрага за кривични дела „грабнување” и “убиство“ по издадена наредба XV KO бр 3047/23 од Основното јавно обвинителство Скопје“, се вели во објавата на потерницата на веб страницата на МВР.
Палевски е во бегство, а денеска на прес-конференцијата министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и јавниот обвинител Гаврил Бубевски низ новинарските прашања за вмешаноста на Палчо, не го посочија конкретно со име и презиме, но одговараа на прашањата на кои изрично беше посочено неговото име како првоосомничен во грозоморните дела.
Како што информираше министерот за внатрешни работи Спасовски, лицето е заминато од државата со возило заедно со неговиот адвокат во Белград, а потоа во Бугарија.