Холандскиот амбасадор во земјава, Дирк Јан Коп во своето интервју за емисијата 360 степени, ја истакна важноста на волјата и желбата на лидерите во Северна Македонија за пристапување на земјата кон ЕУ, додавајќи дека Холандија е секогаш овде за да помогне во целиот тој процес.
- „Земјата навистина треба да сака да стане членка на ЕУ, навистина мора да се справи со корупцијата. Без тоа напредок во која било област е невозможен“ рече холандскиот амбасадор во земјава Дирк Јан Коп.
Според него земјата треба да работи на зачувувањето на својата прореформска демократија, заштита на слободата на говорот, да ја зачува релативната независност на медиумите.
- „Без овие работи каков било напредок не е можен. Што друго земјата треба да направи, зависи од Северна Македонија, таа е суверена земја и од неа зависи кои се нејзините приоритети. Таа вели дека сака да е членка на ЕУ и затоа треба, во таа рамка, прецизно да ги одреди приоритетите“ рече Коп.
Амбасадорот на Холандија, истакна дека во интерес на неговата земја е да ја поддржи Северна Македонија на патот кон ЕУ и дека сакаат оваа земја да биде дел од ЕУ.
- „Наредната година имаме избори за Европскиот парламент, ќе има избори во САД и, како што реков, во Холандија поддршката за проширувањето се намалува и вие не може и понатаму таа поддршка да ја земате здраво за готово, треба да влезете во ЕУ сега, што е можно побрзо или, како што стравувам, таа можност може да исчезне, во некој момент вратата ќе се затвори“ рече Коп.
Тој нагласи и дека опседнатоста со уставните промени само го оттргнуваат фокусот од неопходните реформи кои нужно мора да се случат во земјава и кои, како што вели се основен предуслов за придвижување на Северна Македонија кон Унијата.
- „Цела оваа опседнатост со уставните измени само дефокусира од неопходните реформи. Уставните измени се билатерален договор меѓу Северна Македонија и Бугарија и нема ништо со нас. Единственото нешто што Европскиот совет кажа е дека кога измените ќе се случат ќе продолжите со преговорите“ рече холандскиот амбасадор Дирк Јан Коп во интервјуто за „360 степени“.
Тој додава дека кога рамката е тука, реформите мора да се имплеменитраат и уште еднаш потенцираше дека таа е испреговарана и не може да се менува.
- „Рамката е испреговарана, не може да се промени и ако г. Мицкоски вели дека по изборите ќе издејствува подобар договор не мислам дека тоа воопшто е реалистично, дури и возможно. Северна Македонија го има најдобриот договор што може да го добие“ повтори Коп.
Според него конечно е дојдено вистинското време за Северна Македонија да ја оформи својата иднина.
- „Сметам дека е исклучително важен момент, дека е дојдено конечно време за Северна Македонија да си ја оформи својата иднина. Крајно време е Северна Македонија да стане господар на сопствената судбина и ние сме тука да помогнеме“ рече Коп.