Основниот Кривичен суд го прифати предлогот на Основното јавно обвинителство Скопје и определи притвор од 48 часа на три лица кои беа спроведени во суд, а се осомничени за убуитвото на 14-годишната Вања Ѓорчевска, потврдија од судот за МИА.
Притворот им е определн поради опасност од бегство, влијание врз сведоци и сторување ново кривично дело. Тројцата ноќеска се спроведени во Истражниот затвор во Шутка
Еден од осомничените кој ноќеска беше спроведен во суд е е велешанецот Велибор Манев. Во изјава за медиумите, прашан дали го извршил убиството на Вања, Манев одговори негативно.
Според МВР, од реализираните оперативни мерки утврдено е дека Вања била земена со возило од влезот на живеалиштето, а од обезбедените информации од распитот, утврдено е дека била убиена истиот ден (27.11.2023) околу 10.00 часот.
Министерството за внатрешни работи соопшти дека во околината на Велес е пронајдено и телото на 74-годишниот П.Ж. кој бил пријавен за исчезнат на 24 ноември.
За двата случаи, како што информираа вечерва од МВР, осомничени се пет лица, сите од македонска етничка припадност. Од спроведените истражни дејствија утврдено е дека мотив за убиствата е „користољубие“.
Обвинителството потврди дека на распит бил и таткото на девојчето.
Дел од медиумите, повикувајќи се на извори од истрагата, излегоа со информација дека се трага по лицето Љ.П. од Скопје, кој се смета за главен организатор и осомничен за убиството на Вања Ѓорчевска. Тој избегал од државата и во моментов се трага по него.
Повеќе информации се очекува да бидат објавени денеска на прес-конференција на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и главниот јавен обвинител Габрил Бубевски. МИА