Од денеска почна да се спроведува евтината дневна тарифа на струјата во периодот од 13 до 15 часот. Со воведување на дневната евтина тарифа домаќинствата ќе имаат на располагање вкупно 11 часа евтина електрична енергија во текот на едно деноноќие од понеделник до сабота и 24 часа во ден недела.
Но сите потрошувачи нема уште од утре да ја добијат евтината тарифа за струја. ЕВН поседува 170 дигитални броила кои веднаш ќе бидат сетирани и уште од први декември ќе можат да ја користат евтината тарифа.
На самите дигитални броила ќе има ознаки според кои потрошувачите ќе знаат дали трошат струја во висока или ниска тарифа.
-На LCD екранот на броилата се појавува ознака Т1 (за висока тарифа) и Т2 (за ниска тарифа), што значи дека во зависност од периодот на денот се појавуваат и се активни соодветните ознаки на екранот. Имено, корисникот може да препознае дали му е сетирано броилото на евтина тарифа од 13 до 15ч. после 1-ви декември, доколку му се појави соодветната ознака за евтина тарифа во наведениот временски период, велат од ЕВН.
Останатите 650.000 корисници кои имаат обични броила ќе треба да почекаат екипите на ЕВН рачно да ги сетираат.
-Броилата ќе се сетираат уште во првиот месец (декември), освен недостапните кои ќе се сетираат во наредниот период, велат од ЕВН.