За 16,4 проценти се зголемила просечната плата во земјава во септември споредено со истиот месец лани.
Според Државниот завод за статистика просечната месечна исплатена нето-плата по вработен за септември е 37.876 денари, а зголемувањето во однос на минатиот септември се должи на растот на просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во повеќе сектори.
Меѓу овие сектори се вбројуваат – Снабдување со електрична енергија, гас, пареа и климатизација (25.8 %), Јавна управа и одбрана; задолжително социјално осигурување (24.8 ), Снабдување со вода; отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на околината (20.5 %).
Податоците говорат дека просечната плата во септември бележи раст од 4,1 проценти во однос на август. Во последните осум години пак, просечната македонска плата пораснала за 70 проценти.
Од Сојузот на синдикати на Македонија, коментирајќи ги ваквите податоци, велат дека со текот на годините сликата е особено подобрена во приватниот сектор, каде дел од вработените земаат плати кои се и далеку повисоки од просечната.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов во изјава за ММС вели дека порастот на платите е единствениот начин да се одржи животниот стандард за да може граѓаните да ги покријат трошоците барем за минималната синдикална кошничка.
Покрај тоа, тој апелира и на продолжување на мерката за „гарантирана цена“ која донесе намалување на цените на дел од основните прехранбени производи:
„Сите мерки кои се донесени како што е со гарантираните цени, треба креаторите на политики да ги контролираат навремено. Ние во минатото имавме случаи каде одредени алчни трговци и работодавачи ги злоупотребуваа ваквите мерки. Не ги намалуваа цените и продаваа производи по далеку повисоки цени“, додава Трендафилов.
Од бизнис секторот пак, оценуваат дека растот на просечната, всушност е под влијание на растот на минималната.
Претседателот на Бизнис конфедерацијата, Миле Бошков смета дека зголемувањето на просечната плата е и еден од доминантните фактори за економски реформи, кои водат намален ефект на инфлацијата, а со тоа зголемување на стандардот. Тој порачува дека и бизнисот и синдикалните претставници би можеле да дадат придонес во креирањето на целата социо-економска политика во државата.
„Би сакале да можеме да влијаеме посериозно и принципот и на минимална плата и на колективно договарање во сите сектори да се зголеми вклучувајќи ги и синдикатите за да можеме да зборуваме за реално подигнување на просечната плата. Ги споменувам синдикатите во овој контекст бидејќи тие најдобро знаат да ги застапуваат своите членови односно работниците. А кога станува збор за бизнис заедницата тогаш мораме да кажеме дека во сите сектори мора да имаме вклучено колективно договарање, креирање на политики, да се слуша гласот на бизнис заедницата и уште подобро, со поголема доверба би ја креирале целата социо-економска политика“, заклучува Бошков.
Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи најави дека просечната плата дополнително ќе биде зголемена, а на тоа ќе влијаат низа фактори. Во интервју за Слободна ТВ, тој се осврна и на минималната плата истакнувајќи дека ако таа во моментот е 20.175 денари, во март следната година ќе биде повисока.
– Проценките се дека ќе оди до над 22.500, ама ќе видиме што ќе значат крајните индикаторите – кусо информираше Битиќи.
(В. Ми)