На Скопје му се потребни нови зелени површини – бели дробови кои ќе се справуваат со урбаното загадување, констатираше пред две години сегашната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска додека се бореше за победа на тогашните локални избори. Со овој аргумент таа ја најави и изградбата на пет нови мега паркови во главниот град.
Две години подоцна, зелените површини и понатаму му се прекупотребни на Скопје чии граѓани досега не ја добија можноста да уживаат во новите паркови кои требаше да бидат изградени по примерот на Градскиот парк.
Петте општини на чии територии требаше да се градат новите паркови се Гази Баба, Чаир, Аеродром, Кисела Вода и Ѓорче Петров.
-Парковите ќе бидат лесно достапни, со дрвја и растенија, урбана опрема, спортски зони и пешачки патеки, најавуваше Арсовска во рамките на првиот од вкупно 15 приоритетни проекти. Но дали на ваквиот проект таа му даде приоритет и по доаѓањето на функцијата? Од нејзиното одделение за односи со јавноста не одговорија на нашите прашања кои од наведените паркови се изградени и колку пари досега се потрошени за оваа намена?
Нашата редакција праша, но не доби одговор и на прашањата колку пари биле буџетирани во 2023 или се предвидени за 2024 за оваа намена и дали до крајот на мандатот Арсовска планира да го реализира ова ветување? Сосема спротивно на улогата која ја има, тимот за комуникација со медиумите продолжува со игнорантскиот однос, па во обид да дознаеме што е направено досега, прашавме во секоја општина посебно. Меѓутоа и таму делумно се соочивме со затвореност кај тимовите кои се одговорни за комуникација со новинарите, а со тоа и за достапност на граѓаните до информациите од јавен интерес, па така од општина Аеродром не одговорија до каде е изградбата на парковите.
Сепак, она што досега се знае од јавните настапи на Арсовска говори дека токму Ѓорче Петров е првата општина во која почна да се гради мега парк, а седум месеци подоцна отпочна и изградбата на паркот во Чаир.
Всушност, предвидено е и двата парка да бидат со површина од по 30.000 метри квадратни.
Изградбата на паркот во Ѓорче Петров кој беше најавен како капитален проект, почна лани во август кога Арсовска на прес конференција информираше дека вкупната вредност на проектот изнесува 68.500.000 денари. Во изведбата на првата фаза се вклучија и јавните претпријатија „Улици и патишта“ и „Паркови и зеленило“ чии екипи ги трасираа пешачките и велосипедските патеки, но и просторот за останатите содржини.
Со оглед на неможноста за комуникација со кабинетот на Арсовска, се обративме до ЈП „Паркови и зеленило“, но и од таму не одговорија до каде е изградбата на паркот.
Единствено градоначалникот на оваа општина, Александар Стојкоски во писмен одговор ни посочи дека паркот ја има добиено во целост формата со пешачките патеки и зелените површини. Во кусата изјава тој додава дека преостанува да се доизведат рекреативните содржини, но и дека за динамиката на изведба на работите целосната информација треба да ја даде Град Скопје.
Од претпријатието „Паркови и зеленило“ пак, не одговорија ниту дали и на кој начин нивните екипи биле вклучени во изградбата на мега паркот во Чаир.
Паркот на територијата на оваа општина почна да се гради во март годинава, што беше и тема на заедничката прес конференција на Арсовска и градоначалникот на Чаир, Висар Ганиу кои информираа дека во паркот меѓу другото, ќе има нови 500 нови дрвја и садници, нова хидрантска мрежа и цветни градини.
Портпаролот на општината, Фари Хисени во писмен одговор до нашата редакција, појаснува дека паркот се гради во населбата Топанско поле, а со зеленило ќе биде опфатена површина од 21.000 метри квадратни, додека на останатиот дел е предвидено да се изградат две спортско-рекреативни игралишта, два простора за домашни миленици, како и фитнес простор.
Заштита на животната средина: Незадоволство кај дел од општините од соработката со градските власти
Од општината Гази Баба ни одговорија дека најавениот парк не е изграден и се пожалија дека соработката со Град Скопје е на историски најниско можно ниво. Од таму не одговорија конкретно дали имаат доволно сопствени средства за проекти за повеќе зеленило, но наведуваат што е направено на полето на заштитата на животната средина:
-Засадивме повеќе од 10.000 нови садници, изградивме голем мултифункционален парк во Триангла на површина од над 2000 метри од кој најголемата површина е ново зеленило. Дополнително преку Јавното комунално претпријатие постојано разботиме на создавање на нови зелени површини насекаде низ населените места во општина Гази Баба. Очекуваме Градот Скопје да посвети повеќе внимание на реализација на проектите кои се ветени од страна на градоначалничката Данела Арсовска – истакнуваат во писмениот одговор од оваа општина.
Слична е ситуацијата и во општина Кисела Вода. Од кабинетот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски за ММС информираат дека во моментов активностите за реализација на изградбата на мега парк се на административно ниво.
„Ние од наша страна понудивме локација и на Совет донесовме одлука за меѓуопштинска соработка за реализација од страна на Градот, како и за некои други капитални инвестиции. За жал, тие не беа реализирани, а конкретниот мега парк досега не е изграден и покрај тоа што беше ветен од страна на градоначалничката“, истакнаа од Општина Кисела вода.
Во однос на прашањето пак, каква е соработката со градската администрација за прашања од областа на животната средина, посочуваат дека не се задоволни.
-Пред некое време, додека односите не беа толку заладени до таа мера да добиваме и казни од страна на службите на градот за самоиницијативно собирање на сметот кој беше натрупан, а комуналното претпријатие се соочуваше со внатрешни проблеми и речиси да не функционираше, имаше некоја нормална комуникација. Конкретно за животната средина, сметаме дека градот Скопје и претпријатијата задолжени за овој дел мора да бидат поажурни и поагилни во своето функционирање. Сведоци сме на преполни контејнери кои ЈП ,,Комунална хигиена” има обврска да ги собира и за кои секојдневно добиваме поплаки од граѓаните. На крајот на денот, нашите жители уредно си плаќаат месечни сметки и даноци кон градот и за истите очекуваат да добијат повратна услуга, што е нивно целосно право – истакнуваат од кабинетот на Ѓорѓиевски.
И советниците кубурат со информации
Конкретна информација за реализацијата на предизборното ветување за петте мега паркови, немаат ниту советниците кои ги контактиравме.
Претходно ММС пишуваше за стоте илјади дрвја за кои Арсовска најави дека ќе се садат на годишно ниво, но советниците Марија Андоновска и Горјан Јовановски истакнаа дека немаат сознанија до каде е реализацијата на таквиот проект. Изостануваат и информациите за изградбата на парковите, а советничката Андоновска забележува дека дека всушност, конкретните проекти се најмалку застапени како точки на дневен ред за да може Советот да расправа за нив.
„Ние за ништо немаме информација. Постојано бараме информации, како за овие проекти, така и за сите зад кои сме застанале. Ние ќе продолжиме да ја бараме информацијата, но засега не ја добиваме и треба да размислиме за начин како да пристапиме до овие информации бидејќи не ги бараме лично за нас, ги бараме за граѓаните пред коишто и ние како и таа, сме дале ветување за овие проекти. За жал, на седниците добиваме барања од страна на градоначалникот за точки коишто воопшто не значат проекти од програмата За модерно Скопје. Имаме секакви точки само на онакви за кои навистина треба да дебатираме. Таа ретко доаѓа на седници, шест месеци се немаше појавено на седница, информации не добиваме за ништо. Тоа навистина претставува проблем за функционирањето на Скопје и за потребите на граѓаните“, вели советничката Андоновска од ВМРО-ДПМНЕ.
Јовановски пак, кој е дел од советничката група на „Зелен хуман град“ вели дека самиот донирал сто дрвја за паркот кој требало да се изгради во населбата „Даме Груев“, односно во општината Ѓорче Петров.
„Ние како совет немаме увид во процентот на реализација на проектите низ Скопје. Истото важи и за поголемите проекти како мега парковите. За едниот во населбата Даме Груев преку проект донирав 100 нови дрвја, но тоа е зошто јас лично ги организирав тие 100 дрвја. Поради распаднатите односи помеѓу советот и градоначалничката, немаме информации кои би ни биле повеќе од потребни за целосно да може да ја следиме работата на администрацијата и да ги асистираме во истата со правилно буџетирање и поддржување соодветни одлуки“, истакнува Јовановски.
Според него, најважното прашање од областа на животната средина кое под итно треба да се најде на дневен ред, сепак е аерозагадувањето.
Од „Зелен хуман град“ веќе изработиле сет итни мерки кои градот треба да ги преземе, а во меѓувреме предложени се и низа други проекти за почиста околина.
-ЗХГ обезбеди пари за био-компостари за отпад – ги нема, за градска мрежа на мониторинг сензори – ги нема, за документ „визија 0″ за 0 сообраќајки во градот – добивме неупотреблив мал текст што не е применлив, вело мрежи, зелени катастри, еко проекти…. За жал, дури и кога има лесен начин и решение, се тера инает зад камери. Во тие бараки кај Градски парк не се работи за скопјани, се работи за да се контрира на другите, се работи од инает, се работи во рикверц – потенцира Јовановски.
Наспроти загадувањето на кое може да се посведочи во Скопје, предизборната програма на Арсовска предвидуваше концепт на зелен и чист град, за што беа наведени низа проекти во нејзината предизборна програма.
„Еколошки пресврт“ во предизборието, но слаба реализација на ветеното
Екоактивистката Лилјана Поповска од Зелен институт, забележува дека на последните локални избори бил направен „еколошки пресврт“ во предизборните ветувања. Во изјава за ММС, таа наведува дека во изминатите години радува тоа што низ повеќе скопски општини „никнуваат“ паркчиња, но тоа не може да се спореди по обем со никнувањето згради и бетонирањето на просторот. Во однос на проектот за мега паркови пак, вели дека самиот термин не е соодветен.
-А за терминот „мега паркови“, би објаснила дека не е соодветен на важечката номенклатура ниту во Законот за урбано зеленило, ниту во Правилникот за урбанистичко планирање. Најголема зелена градска инфраструктура е т.н. „градски (голем) парк“ со површина од 20 до 200 хектари и достапна површина од 10 м2 по жител, а се подига во рамките на станбени реони. Помали зелени површини се „реонски (градски) парк“ во рамките на станбените четврти, „локален (среден) парк“ во рамките на урбани блокови, во чии рамки може да има и „блоковско зеленило“ и „зелени плоштади, мали зелени скверови и џебни паркови“ – објаснува Поповска.
Таа додава дека двојното именување е извлечено од официјална „урбанистичка“ регулатива, поради тоа што сѐ уште не е утврдена една прецизна терминологија за зелените површини ниту во регулативата, ниту во праксата.
-А во сегашниот Закон за урбано зеленило, пак, постои претежно „шумарска“ терминологија, извлечена од градските акти и програми на Градот Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“, според која се правеше законот пред десетина години. Затоа што единствено Градот Скопје беше заинтересиран и организиран за одржување на зеленилото низ различни мандати на градоначалници, па вклучи и стручни луѓе од различни служби во изработката на законот. Сиот овој терминолошки галиматијас покажува колку е зеленилото всушност занемарено, поради што е неускладена и законската и подзаконската регулатива за него – смета Поповска.
Таа вели дека во Скопје има прекрасни локации на кои би можеле да се изградат паркови:
„Во Скопје сѐ уште има површини кои се водат како неуредено зеленило, или како неформални депонии, како и цели речни брегови кои не се прописно уредени и озеленети. Имавме прекрасни можности паркови да бидат и просторите на Холидеј Ин, Треска и потегот кај старата железничка станица, но градежниот бизнис нагази и доби политичка поддршка, за жал. Сѐ уште има можност за Расадник, делови од Гази Баба, Карпош, Аеродром и други локации, но ќе биде потребна голема борба за да се издејствуваат во доволен обем. Токму поради тоа ни е потребен јак Закон за урбано зеленило и сериозни институции за спроведување на овој и сите други закони“.
Поповска објаснува и дека по дефиниција, парковите се зелени површини од класа на намена „Д“, што значи дека мора да содржат пред сѐ дрвја, грмушки и тревнати површини. Гледано од стручен аспект, за да се изградат паркови кои би претставувале место каде граѓаните вистински би можеле да се релаксираат, таа вели дека во одреден процент треба да има пешачки патеки, но тоа не значи дека поголемиот дел од паркот треба да биде бетониран.
„Не смее да се бетонира просторот во поголем дел, а потоа да се вбројува во зелена површина по глава на жител. Зашто не се зеленило бетонирани или покриени игралишта за кошарка, одбојка и други спортови на тврда подлога, ниту базени, гробишта, меморијални споменици и така натаму. Да бидам правилно разбрана, сиве спомнати објекти се легитимни и потребни, но инсистирам кога зборуваме за паркови, да мора да содржат одреден задолжителен процент зеленило, што ги прави да бидат паркови. Затоа во законските измени предлагаме утврдени минимални проценти од 30 до 50% зеленило за секоја класа на намена“, додава екоактивистката.
Според неа, изградбата на нови паркови е апсолутно исплатлива инвестиција, ако се земат предвид придобивките на граѓаните од зеленилото кое директно се поврзува со поголема чистота во околината.
„Ваквата изградба значи инвестирање во здрава животна средина и здрави луѓе, кои живеат квалитетен живот во допир со природата, што ги прави задоволни и среќни. Има ли нешто поблагородно за локалните власти од инвестирање во среќата на луѓето – вели Поповска и потсетува дека во низа анкети, Македонија е доста ниско рангирана по чувството на среќа, а во некои случаи еколошките проблеми се и причина за иселување на наши луѓе во потрага по поздрав живот.
Екоактивистката вели дека локалните власти стануваат сѐ посвесни за овие прашања и сѐ повеќе предизборни програми содржат сериозни еколошки ветувања и тоа е многу добар показател, но само ограничен дел и вистински се реализира.
„Урбаниот бизнис, кој во голем дел е научен да ги заобиколува законските обврски за зеленило, е доминантен, во дослух со поединци и структури од власта и администрацијата на сите нивоа. Конечно, не беше случајно што толкав успех постигнаа на минатите локални избори листите со независни екологисти, зашто голем број граѓани бараат спас од воспоставените бизнис шеми на сметка на екологијата. Со оглед на се повисоката еколошка свест на граѓаните, сигурна сум дека и на сите следни избори еколошките теми и зеленилото ќе бидат многу присутни. А за реализацијата, ќе бидат потребни уште многу битки“, смета Поповска.
Таа нагласува дека важноста на зеленилото е дотолку голема што и науката го смета за основен фактор за здрав живот во градовите.
-Зеленилото обезбедува кислород, влага и сенка во горештините, го намалува загадувањето на воздухот и бучавата, истовремено со збогатување на биодиверзитетот на местото, нудејќи допир со природата кој делува благотворно на севкупното, а посебно на менталното здравје. Овие влијанија се особено изразени кај жените, децата и повозрасната популација. Дополнително, парковите се место за дружење, спортски активности и рекреација, а со оглед на естетската функција, тие го разубавуваат градот и имаат свој придонес и за туризмот. Значењето на парковите први во Европа официјално го признале Англичаните и го донесле првиот акт за заштита на зеленилото во Лондон уште пред повеќе од еден век. Тој пример го следеле и други градови, како Виена, Берлин, Амстердам, Копенхаген, Стокхолм, Љубљана и др., кои до денес имаат огромни градски површини под зеленило, над 40%. Само споредбено, земјите од Источна Европа и Балканот, имаат само по 10-15% зеленило – порачува Поповска.
На ова укажува и активистката Татјана Чакулев од О2 Иницијатива, која вели дека зеленилото е клучно нашиот здрав живот во градот и како такво потребно е да го имаме рамномерно распространето низ целиот град. Сепак, смета дека во нашиот главен град нема доволно зелени површини, а при тоа, проблемот не е само површината на зеленило по жител туку и неговата достапност онаму каде живееме.
„Потребни ни се мали паркови насекаде низ градов, како и големи паркови во разни делови. Денешните препораки за стандард на зеленило одат во насока на обезбедување на рамномерно достапно зеленило. СЗО препорачува најмалку 0,5 – 1 хектар јавна зелена површина во радиус од 300 метри од домот на секој жител. Во Скопје ова не е возможно, но потребно е да се обезбедат колку е можно повеќе мали паркови низ сите населби во градов како мали оази и подигнат големи низ различните реони. Во тек се предлог-измени во Законот за урбано зеленило со кои би се обезбедиле најмалку 25 м2 под јавно зеленило и најмалку 50 м2 под севкупно (јавно и останато) зеленило по жител во рамките на планскиот опфат на градот, како и 30% зеленило во рамките на секоја градежна парцела. Тогаш новиот ГУП на град Скопје би ги вградил овие стандарди во новиот план за градот“, вели Чакулев.
Освен изградба на пет нови мега паркови, Арсовска најавуваше и садење на сто илјади дрвја годишно, за што ММС и претходно пишуваше. Мерките со кои главниот град требаше да се „зазелени“ беа срочени во таканаречениот Нов зелен план, но поради оскудната отвореност на Градот, неизвесно е до каде е нивната реализација.
Продолжува…
Вања Мицевска
Со овој текст ММС.мк се приклучува кон иницијативата за зголемена транспарентност на институциите што Институтот за комуникациски студии ја спроведува во соработка со медиумите во рамките на проектот „Користи факти”, кој е поддржан од Британската амбасада.