Пратеникот од Левица, Борислав Крмов на почетокот од емисијата „Стадион’ на Канал 77 ги разјасни сите (дез)информации за него кои кружат во јавност. А до сега можеше да се прочита дека нема дипломирано, без ден стаж, нема возачка дозвола и во Скопје на работа патува со автобус, а отишол и на скап одмор во Мозамбик со новата девојка.
Крмов потврди дека нема дипломирано, но од немарност со останати четири испити до крај на Факултетот за историја на уметност.
-Се уште немам дозвола што е за срамота, патувам со автобус, такси. Повеќето од времето сум во Скопје поради обврски. Почнав да студирам Историја на уметност со археологија, па после чиста Историја на уметност. Мене таа диплома очигледно ми е потребна, но од друга страна половина колеги пратеници се доктори на науки, Талат Џафери е доктор на наука, па им ги слушаме дискусиите на кое ниво се, рече Крмов во „Стадион“.
Тој најави дека планира да го заврши факултетот за ова прашање да не доаѓа на дневен ред.
Што се однесува до наводниот скап одмор во Мозамбик, Крмов објасни дека се работи за рециклирани фотографии од пред пет години, од одмор во Парга, Грција, каде бил на одмор со неговата девојка. Рече дека повеќе од десет години е во врска со девојка од Охрид. На прашањето за свадба, рече дека и тоа ќе биде.
-Знаете каде бев на одмор ова лето? На Крф (Грција) со 130 евра, плус 120 евра за траект, со генерална популација, со автобус. Не сме како другите што се борат со 100.000 евра џипови, но народот паѓа на тоа, објасни Крмов.
Во однос на гласините дека пред вработувањето во Парламентот, Крмов нема дек стаж, тој објасни дека работел хонорарно на струката, а бил ангажиран и во малата семејна фирма за градежништво.
-Сум ѕидал, сум мешал малтер, сум местел покриви, имаме мала семејна градежна фирма, рече Крмов.
„Стадион“ е во тек, на радио, на Youtube и Фејсбук.