Еднаш херој, секогаш херој, таков е фолк пејачот Спасен Силјаноски, кој викендот со скршена рака продолжил да пее уште три часа. Настапил само за да не ја разочара публиката, а затоа и таа го сака.
Сѐ се случило викендот во Копер, Словенија, каде тој настапувал за нашите иселеници. Но, симнувајќи се од бина се лизнал на подот, паднал, и како што вели, го заболело, но не ни помислил дека ја скршил раката, бидејќи продолжил да си пее.
Раката на Спасен веќе е во гипс и како што најави, ќе ги редуцира настапите.
-Луѓето играа оро и на некој од нив му се скрши шише со пиво. Секако вработените го средија тоа, но подот останал влажен. Јас како се симнував од бина, се лизнав и паднав назад на лактот и на глава. Имаше над 600 гости во салата и во тој момент јас не почувствував ништо, продолжив да пеам. Следниот ден кога станав што ќе видам, раката ми беше отечена, не можев да ја мрднам. Не отидов таму на лекар, бидејќи имав лет за Македонија. Кога тука ме виде лекарот ми рече: „Партал ти е зглобот, скршен на две места, можно е да треб операција“. За десетина дена имам контрола и ќе видиме што понатаму, се надевам дека ќе поминам без операција, вели тој и додава:
-Нема да настапувам на обични настапи, но на веќе закажани свадби нема да можам да откажам, ќе одам и ќе го дадам максимумот од себе. Веќе отпеав една свадба во Виница, а и понатаму имам закажано други. Мене не ми е проблем за пеењето, но не е вкусно за гледање, особено што сега треба да купам кошули два броја поголеми за да ми ја собере раката сосе гипсот, вели Спасен.
Но, не се проблем само настапите, туку и неговиот нов ангажман како водител на емисијата „Везилка“.
Иако се поминати само неколку емисии, сепак, тој добива пофалби дека убаво се снашол во новата улога:
-Не знам што ќе правам, ќе морам да барам некој костум, навистина не знам што ќе правам. Мене „Везилка“ ми е предизвик, јас сакам предизвици. Им се допаднала мојата способност за комуникација и ме повикаа од Алфа телевизија. И еве не згрешив, за четири емисии многу е кренат рејтингот на емисијата. Секако јас не се откажувам од мојата примарна дејност, од музиката, таа ми е љубов голема. Јас каков сум приватно, така и се одесувам во емисијата, природно и опуштено.