Еден од најмонструозните форми на измачување, страдање и болка на кучиња и кај нас добро познат бизнис се организираните борби со нив каде што се користат овие животни кои во поголем дел од случаевите завршуваат фатално, убивајќи се меѓусебно, се вели во соопштението на Здружението „Анима Мунди“..
-Низ годините сме сведочеле на илјадници вакви громорозни слики, настани каде што несреќните животни го изгубиле својот живот давејќи се во сопствената крв додека група неандерталци, луѓе што го изгубиле основното чувство што ги прави луѓе – емпатија, заработуваат на нивниот победник што е победник до следната рунда, борба и низа други се додека не заврши фатално во својата последна изгубена борба за живот. Дел од кучињата кои овие злосторници ги користат и не се “квалификуваат” за умоболните дејствија на кои се приморувани или завршуваат на улица или се немилосрдно убиени од страна на нивните сопственици. Низ годините сме сведоци како ваквиот калибар на злосторници јавно по социјалните мрежи објавува видео записи и фотографии од борби, отворено и како да не се прекршуваат низа закони објавува настани од ваков тип со точна локација и датум, се вели во соопштението на „Анима Мунди“..
„Сведоци сме биле, велат од Здружението, и на крадење на кучиња од одредени раси од нивните домови, јавни продажби на кучиња каде што е напоменето дека се за борби, итн.
Секоја наша, секоја пријава на граѓаните за ваков тип на кривично дело НИКОГАШ не вродила со резултат, никогаш никој не бил фатен, никогаш никој не бил казнет, велат од „Анима Мунди“ и додаваат:
-Денес не разбуди следната објава, велат и објавуваат Фејсбук пост:
-На патот помеѓу Охрид и Струга, како да не постојат закони и институции во државава е изграден ринг во кој е очигледно дека се организираат борби со кучиња и истите се објавуваат на социјалните мрежи. Како недопирливи за Министерството за внатрешни работи, Агенцијата за храна и ветеринарство, овие криминалци се сликаат со своето кривично дело.Има ли капитен овој брод? Има ли оваа држава закони и институции што треба да ги имплементираат? Планира ли Министерството за внатрешни работи да превземе соодветни дејствија за овој црн бизнис со кој во одредени населени места секоја втора куќа се бави а илјадници кучиња страдаат годишно? Се плашите ли, прашаа од „анима Мунди“ и побараа:
-Бараме од вас веднаш да постапите и да превземете се што е во ваша надлежност за овој и за сите слични вакви случаеви на мачење, малтретирање и убивање животни! Вакво грозоморие, ваква монструозност не може и не смее да се занемари и секое занемарување на очигледното кривично дело само ја покажува вашата неспособност во очите на јавноста, се вели во соопштението од „Анима Мунди“.