Испреплетени кабли, кои водат до дивоприклучени куќи на струја ја блокираат централната улица која е срцето на населбата Света Недела во Штип. За да се сфати апсурдната слика, доволно е да се спомене случајот од изминатото лето, кога се запали боровата шума до населбата, а противпожарното возило мораше да се врати и да заобиколи поради опасност да скине некој од каблите и да се запали цела населба. Но, уште поапсурдно во целата ситуација е што никој не сака да се зафати и да ги тргне диво поставените кабли, од кои и во овој момент бесплатно со струја се снабдуваат десетици домови. Во прашање е безбедноста на сите што живеат или поминуваат таму. На прашањето од жителите до ЕВН дали можат да дојдат и барем да ги поткренат каблите за да превенираат пожар, добија негативен одговор.
– Каблите се дивопоставени и не се наша надлежност. Ако се подигнат тоа значи дека ги легализираме, им одговори раководителот на ЕВН во Штип, Димитар Наумов.
Проблем се дивите приклучоци. Ретко која од дивоизградените куќи кои речиси секојдневно никнуваат, има легален приклучок. Жителите на оваа населба знаат дека има тројца „специјалисти“ за дивоприклучување на системот за снабдување со струја, што ако на некој денеска му се исклучи струјата, веќе утре е приклучен повторно. Тоа го знаат и надлежните институции, чии претставници сведочат дека овие луѓе се познати и во околните општините, па веќе имаат и тарифа за приклучок на диво. Сите знаат кои се, а сепак, овие луѓе нормално си работат и заработуваат.
Околу 150 дивограби имало во 2020 година
Ова на Локалниот совет за превенција во Штип го сведочеа и засегнатите жители и претставниците на надлежните институции. Проблемот станал толку голем, што луѓето кои легално се приклучени и секој месец плаќаат за струја, живеат во полумрак, со апарати кои постојано им се расипуваат од слабиот напон, а се случува и редовно да снемуваат вода за пиење, поради дивите приклучоци на вода. Еден од жителите кажа дека за кратко време му прегореле по два телевизори, фрижидер и машина за перење алишта.
Од ЕВН уште од пред три години направиле мапирање на дивоградбите и тие кои на диво се снабдуваат со струја. Тогаш биле детектирани над 150 дивоградби, а сега се сигурно многу повеќе. Планирано е да се направи ново мапирање.
-Вршено е исклучување од столбовите и мрежата, но веќе наредниот ден повторно сами се приклучуваат од друго место. Планираме да поставиме два столба со кои ќе се отсече дивата населба и ќе се приклучат легалните приклучоци. Проблемот е со години, се краде струјата, а кога се краде и не се плажа се троши во изобилство и тоа се евидентира како загуба. Излегуваме на терен и поднесуваме пријави до Обвинителството, но потоа се утврдува дека лицето на кое е приклучокот е или во странство или е покојно, објасни Наумов.
Чија е дивоградбата?
Проблем е што не се знае сопственоста на овие куќи, а многу и од станарите немаат лична карта и не може да се идентификуваат. Тоа ја отежнува работата и на општинските служби, кои не можат да изготват документи за уривање. Кога ќе се отиде на терен или се работи за живеалишта на некој кој е во странство, па праќа пари да му се изгради куќа, или не се идентификуваат чија е куќата.
-Кажуваат дека се гости таму, па на крај во записникот пишува дека сопственоста е непозната. Против Н.Н. лица не може да се води постапка. Во оваа населба живеат и луѓе кои се од други општини и дошле и изградиле куќа во Штип. Има луѓе кои дошле дури од Охрид да живеат тука. Кога ги прашавме зошто дошле овде одговорија: Тука е се’ без пари и затоа дојдовме да живееме“, кажа Тоше Ѓорѓиев од Општина Штип.
Ѓорѓиев побара институциите да реагираат и да ги вратат овие луѓе во општините од каде дошле. Во зимскиот период не е дозволено уривање на објектите за живеење. Затоа зимата, според Георгиев е доволно време да почне да се решава проблемот, за што побара заедничко делување на институциите.
Меѓутоа, засега тешко оди заедничката реакција од сите надлежни институции. Градоначалникот Иван Јорданов прстот го впери кон Секторот за внатрешни работи од Штип. Лани во мај потишал барање со проценка на ризик за асистенција на полицијата во дивата населба. Одговор се’ уште нема, рече Јорданов.
-Согласно законот имаме право да знаеме зошто не се постапува по нашето барање. Сакаме да се дефинираат надлежностите на другите институции, затоа што имаат и законска обврска, рече Јорданов.
На потег СВР – Штип
Општината Штип уште еднаш ќе побара проценка на ризик и асистенција за постапување. Градоначалникот Јорданов рече дека последиците ги плаќаме сите преку загубите во сметките и изнесе податок дека секое домаќинство плаќа по 900 денари во сметките за струја на име загуба. Само во текот на 2022 година поради бесправно користење, регистрирано како загуба на електричната енергија, македонските граѓани, сите нас, не’ чинеле 157 милиони евра, што сите заедно ги плаќаме преку сметките за струја.
-Претставниците од сите институции се согласни во иднина се испрати допис и барање до СВР Штип за полициска асистенција за да можат да бидат отсранети сите нелегални приклучоци и нелегални објекти, што го загрозуваат домувањето и начинот на домување на легалните објекти во населбата, изјави Јорданов по состанокот.
Во овој дел на Штип проблем е и дрвократството, констатираа присутните, нерегистрираните возила кои служат за транспорт на украдените дрва, опустошената борова шума, која некогаш го красеше градот, а која сега се претвори во депонија. Делумно поради дивото приклучување на системот за водоснабдување, штипското ЈП „Исар“ евидентира дури над 60% загуби на вода за пиење.
Некои од жителите сведочат дека поради дивеењето и несанкционираните поединци, луѓето почнуваат да ги напуштаат домовите каде планирале да чуваат внуци. Како што рече градоначалникот Јорданов, потребно е заедничко делување, бидејќи ако не се санкционира ова станува правило на однесување.
В.К.