Воспоставувањето основна структура за управување со отпад е главниот еколошки предизвик пред кој е исправена нашата држава – смета министерката за животна средина, Каја Шукова. Ова го нотираше и Европската комисија во својот најнов извештај за напредокот на земјава, укажувајќи на потребата од подобра имплементација на законите во овој сектор.
Значајна алка во решавањето на ова прашање се и компаниите кои им се „сојузници“ на институциите во информирањето на граѓаните, но и тие забележуваат дека надлежните треба повеќе да се занимават со имплементацијата на регулативата.
-Главниот еколошки предизвик на државата е дефинитивно воспоставување на основна инфраструктура за управување со отпад – порача министерката Шуковa, одговарајќи на новинарско прашање кои се главните предизвици во областа на животната средина.
Таа рече дека ова прашање со закон е регулирано веќе дваесетина години, но поради слабиот напредок од страна на општините во таа насока, регионалното управување со отпад го има преземено државата.
„Работиме активно во моментов на седум региони во државата. Осмиот е скопскиот, останува за подоцна, бидејќи таму ќе требаат многу поголеми финансиски средства. Работиме на воспоставување на основна инфраструктура, со примарна селекција. Да ги намалиме количините на отпад, што ќе ги депонираме финално на новите централни депонии, што ќе бидат по европски стандарди. За овие седум региони, ќе бидат четири. Три нови и рехабилитација на Русино, за извесен временски период, додека не се најде нова локација или се обезбеди проект за проширување на Русино“, изјави министерката Шукова.
Операционализација на системот за управување со отпад – препорача ЕК
Во однос на регионалниот систем за управување со отпад, државата неодамна доби забелешка и од Европската комисија. Во последниот извештај, таа забележа дека земјава треба да го операционализира ваквиот систем во источните и североисточните региони.
Ваква забелешка имаше и во ланскиот извештај од Европската комисија која тогаш им порача на македонските власти дека треба попосветено да ги спроведуваат мерките за воспоставување регионален систем за управување со отпад, особено во Источниот и Североисточниот регион.
„Ова дополнително е одложено поради отпорот на општина Свети Николе како локација каде треба да се гради централниот капацитет за управување со отпад“, наведе ЕК во извештајот за 2022 година.
Годинава пак, ресорното Министерство ѝ ги одзеде ингеренциите на општината во формирањето на регионалната депонија. Очекувањата се дека депонијата ќе биде изградена во 2026 година, за што се обезбедени средства од педесетина милиони евра како грант од Европската унија.
Министерката Шукова иако во изјава за медиумите го оцени управувањето со отпад како најголем еколошки предизвик, од нејзиниот кабинет не одговорија што всушност недостига, за да се воспостави соодветна инфраструктура за решавање на ваквиот проблем. Неодговорени останаа и прашањата каде и во кои рокови државата планира да гради нови депонии по современи стандарди, односно какви се плановите воопшто за намалување на количината на отпад.
Го „потсетивме“ Министерството и на препораката од ЕК за „операционализација на регионалниот систем за управување со отпад во источните и североисточните региони“ и прашавме на кој начин Министерството планира да ја исполни ваквата препорака, но институцијата остана нетранспарентна и по однос на ова прашање.
Во обидот да се минимизира отпадот кој се создава и кој завршува на депониите, се вклучени и приватни компании кои паралелно ги едуцираат и граѓаните за важноста на оваа тема.
И приватниот сектор – важна карика во искористувањето на отпадот како ресурс
Каква е улогата на приватниот сектор во управувањето со отпадот, го прашавме Панче Ангелов, управител на компанијата Екон електрон.
„Управувањето со отпадот придонесува кон воспоставување на еден тип на циркуларна економија во која отпадот може да се искористи како ресурс, односно за повторна употреба, а главниот бенефит за граѓаните е тоа што ќе има помалку отпад, почисти градови, поздрава околина и така натаму“, објаснува Ангелов во изјава за ММС.
Според него, освен институциите и компаниите, во овој процес треба да се вклучат и граѓаните. За таа цел, вели тој, тие мора да бидат и едуцирани и стимулирани, за да можат со правилната селекција на отпадот индиректно да придонесат за негово управување.
„Третиот дел што никој не го сака се санкциите, но она што е важно дека евидентен е порастот на свеста, особено во делот на селекцијата. Веќе постојат повеќе текови на отпадот каде што граѓаните може да селектираат. Тоа е отпадната електрична и електронска опрема, пластиката, а од следната година се очекува да стапи на сила и новиот Закон за управување со посебни текови на отпад, односно тоа се гуми, масло, текстил, возила и така натаму“, додава Ангелов.
Според него, македонската регулатива е добра и е усогласена со европската, но нејзината имплементација треба да биде поголем приоритет за надлежните.
-Овој тип на компании како што е Екон електрон, во моментот работи според Законот за управување со отпад на електрична и електронска опрема. Ваков тип на компании, согласно новите регулативи треба да се воспостават во другите текови на отпад и сите заедно значи, вклучувајќи ги и општините и граѓаните и колективните постапувачи и Министерството за животна средина, да делуваат во делот на имплементирање на новите закони. Битно е дека секој треба својата улога да си ја одигра. Секој е засегнат од животната средина и сите со селекција, а понатаму и со управување со отпадот, ќе доведеме до поздрава животна средина – заклучува Ангелов.
Дека имплементацијата останува значаен предизвик укажа и Европската комисија која пак нотираше дека во земјава во тек е процесот на затворање на нестандардните депонии и дека е намалена употребата на пластични кеси.
-Во септември 2022 година беше усвоен првиот Национален план за превенција на отпадот (2022-2028), со кој се утврдуваат регулаторните политики и практични мерки што треба да ги преземат различни засегнати страни во јавниот и приватниот сектор. Процесот за затворање на нестандардни депонии во источните региони е во тек – наведува ЕК во документот.
Понтаму, Комисијата нагласува дека употребата на пластични кеси е намалена за 80 отсто по воведувањето на нивната забрана во 2021 година.
-Системот воспоставен од колективните оператори за шемата за проширена одговорност на производителот (ИПР) што ги опфаќа јавните комунални претпријатија и лиценцираните приватни оператори посебно за собирање пластика, хартија и стакло од домаќинствата и деловните субјекти е оперативен, но капацитетот е ограничен – се вели во извештајот и се додава дека се започнати активности за натамошно подобрување на системот за ИПР.
Вања Мицевска