На почетокот на следната година, минималната плата ќе се покачи до просекот што го имавме во 2016-та година, се пофали министерот за економија Крешник Бектеши.
Откако во март годинава минималецот достигна 20.175 денари, најавите се дека од идниот март минималната плата ќе биде 22.500 денари.
-Од март 2024 година, најниската плата во земјава минимум 22.500 денари! Двојно поголема од минималната плата во 2017 година – објави Бектеши на социјалната мрежа Фејсбук.
Економскиот аналитичар Бранимир Јовановиќ пак, вели дека ова зголемување не е лошо само по себе, но не е доволно. Според него, минималецот мора да порасне повеќе за граѓаните да имаат поквалитетен живот, но и да се воведат мерки за покачување на пензиите, како и на социјалната помош. Од друга страна пак, тој смета и дека мерката „гарантирана цена“ не треба да заврши на крајот на оваа година, туку да продолжи и следната.
„Сѐ уште има простор и потреба минималната плата да продолжи да се зголемува во следниот период. Таа секогаш мора да се гледа во сооднос со инфлацијата, бидејќи граѓаните добиваат само тогаш кога растот е повисок од неа“, вели Јовановиќ во изјава за ММС.
Ако се земе предвид дека според последните пресметки на Сојузот на синдикати, минималната синдикална кошница за едно четиричлено семејство е 48.379 денари, со новото зголемување, две минимални плати сепак не би биле доволни за да се покријат основните трошоци во текот на месецот.
Оттука, потенцира Јовановиќ, мерката за замрзнување на цените треба да продолжи уште подолго време.
„Потребно е да имаме мерки за замрзнување на цените. Она што го направи Владата пред некој месец се покажа како добра мерка затоа што успеа да ги намали цените. Цените во октомври се намалија во однос на септември за 1,5 проценти. Тоа е сѐ уште малку. На пример, ако нешто сте купувале во маркет за 1000 денари, сега ќе го купите за 985 денари. Значи дека ќе заштедите 15 денари, што е ништо. Ама сепак се спречи растот на цените. Таа мерка е добра, но треба да продолжи уште подолго време. Не смее да запре на крајот на годината туку треба да остане на сила уште подолго. Ако се укине на крајот на декември, веднаш потоа фирмите ќе ги кренат цените и ова што сега се постигна, би паднало во вода“, смета аналитичарот.
Структурни промени во економијата со зајакната улога на државата
Покрај ова, Јовановиќ порачува дека на македонската економија ѝ се потребни структурни промени според модел во кој државата ќе ја зајакне својата улога.
-Македонската економија 30 години е базирана на модел којшто вели „пазарите најдобро знаат, сѐ ќе си решат и државата не треба да се меша во економијата“. Гледаме каде нѐ доведе до тоа, имаме мал број луѓе коишто се екстремно богати и стотици илјади луѓе коишто живеат во сиромаштија во државата. Треба да се сфати дека тој економски модел што го форсираме 30 години не води никаде и дека е потребна промена на економскиот модел во смисла на многу поголема улога на државата во економијата и во општеството – вели Јовановиќ.
Тој нагласува дека државата треба да воведе индустриска политика и да одлучи кои економски сектори ќе ги развива.
-Сега државата не кажува што ќе развива туку фирмите сами си решаваат. Државата треба да каже „нашата економија ќе биде заснована на тие и тие столбови“. Значи потребна ни е таква индустриска политика, а како второ, потребни се многу позначајни мерки за поддршка на иновациите – додава аналитичарот.
Сумирајќи ги зголемувањата на минималната плата во земјава од 2016 па досега, Јовановиќ кој и самиот беше дел од Министерството за финансии, укажува дека се бележат дека поголеми покачувања.
-Првото беше во 2017 година кога и јас бев дел од Министерството за финансии. Тогаш ја покачивме минималната плата за 25 проценти и фирмите се бунеа, велеа „ќе нѐ затворите, нема да издржиме толкаво покачување“. Сепак се покажа дека немаше ниеден штетен ефект, а имаше само позитивни ефекти, односно луѓето добија повеќе пари што понатаму значеше поголемо трошење. Имаше и друго големо зголемување, кога во 2022 година минималната плата се зголеми од 15.000 на 18.000 денари – посочува Јовановиќ и додава:
„Во секој случај, ако се погледне минималната плата во сооднос со просечната плата во државата таа се зголеми за време на оваа влада, многу повеќе од што беше претходно. Претходната влада ја воведе минималната плата, но таа беше многу ниска. Ако погледнете колку беше таа како дел од просечната плата, таа беше 20 или 30 отсто. За време на оваа влада достигна околу 50 отсто и тоа е во ред, не е лошо тоа само по себе, но не е доволно. Мора уште повеќе да расте“, заклучува Јовановиќ.
Инаку, најавите за зголемување на минималецот идната година пристигнаа уште во март годинава. Министерот Бектеши во телевизиско интервју направи споредба со 2016 година истакнувајќи дека ако тогаш просечната плата била околу 23.000 денари, во 2024 година, самиот минималец ќе се доближи до овој износ и додаде дека глобалниот раст на цените влијае на зголемување на потрошувачката кошничка.
(В. Ми)