Бленди Ходаи студент на Филозофскиот факултет, граѓански активист и директор на Форумот за образовни промени кој изминативе години е активен на повеќе фронтови во граѓанскиот сектор.
Неговата упорност за промени во системот лежи во неговото уверување дека ако сакаме да постигнеме нешто, да промениме нешто во нашата земја, треба да се бориме сите заедно, без разлика на верската и етничка припадност. Младите мора да бидат заедно во сите иницијативи за подобра иднина, подобро образование и подобро општеством вели во интервју за trn.mk, Ходаи. Тоа, како што вели е еден и единствен начини како можеме да ја подобриме нашата заедница, заеднички и здружени кон заедничките цели кои што ги имаме сите кон општеството.
ТРН: Иако млад, веќе долго време си општествено активен и веќе си прилично искусен граѓански активист. Каде е почетокот на твојот граѓански активизам?
Бленди: Првото искуство со граѓанскиот активизам го имам во 2016 година кога Тетово, градот од каде доаѓам беше еден од најзагадените градови во светот поради Југохром. Тој период јас бев осмо или деветто одделение во основно училиште, каде што од една невладина организација почнаа да се организираат протести против аерозагадувањето во градот. Тоа ми беше прв пат да се вклучам во протестите и да му помогнам на моето училиште да ги организира. На тој начин научив и дознав колку е важен гласот на граѓаните и гласот на младите. После тоа во 2017 година бев прва година во гимназија кога почнавме со моите врсници и другари да соработуваме и го основавме Сојузот на средношколци што денеска е најголемото средношколско движење во историјата на Република Северна Македонија.
ТРН: Во последниве години меѓуетничките односи во земјава се значително подобрени. Ако се земе во предвид дека претходино имаше чести изблици на насилство одобено меѓу средношколската младина, колкав дел од твојот ангажман се однесува на градење на комуникација и дружба на младите без оглед на идентитетот, потеклото и стаусот?
Бленди: Значи јас верував и во средно училиште со Сојузот на средношколци, но и сега дека ние ги имаме истите проблеми и ако сакаме да постигнеме нешто, да промениме нешто во нашата земја, треба да се бориме сите заедно. Пред шест години имаше над шест или седум здруженија на средношколците кои беа поделени поради етничката припадност. Од другата страна имаше и некоја политичка поделба. Политичките партии имаа некои сојузи на средношколци што ги користеа за нивни политички интереси. Ние го постигнавме тоа да ги собереме сите средношколци, да бидеме обединети кон нашите цели што ги имавме и што ги имаат сега средношколците. Значи за мене лично како активист и како личност, е од особена важност сите млади да бидат заедно, без разлика од нивната етничка и верска припадност. Да бидеме заедно кон подобра иднина, кон подобро образование и кон подобро општество. Тоа е еден и единствен начини како можеме да ја подобриме нашата заедница. Само заеднички и здружени кон заедничките цели кои што ги имаме сите кон општеството.
Високото образование е со истечен рок
ТРН: Каде е денес ставен фокусот на делување на студентските и средношколските здруженија и генерално на младите активисти?
Бленди: Oд тоа што цело време ние младите постојано зборуваме едни со други, знаеме дека еден од најстекнатите проблеми што младите денеска го имаат се невработеноста, менталното здравје и особено образовниот систем што треба да се реформира поради тоа што е со истечен рок. Затоа и треба да имаме радикални промени во целиот систем, почнувајќи од основното до високото образование. Зошто викам дека ова е еден од најголемите проблеми и всушност коренот на проблемите? Поради тоа што образованието со истечен рок предизвикува младинска невработеност, предизвикува иселување на младите поради тоа што гледаат дека нема перспектива во земјата каде што ќе завршат со студии. Тоа е исто така е поттикнувач и на многу други општествени проблеми кои што ние ги имаме. Така што, како невладини организации особено како форум за образовни промени, тоа што го работиме е во насока да имаме радикални промени во високото образование за на некој начин да ги задржиме нашите сојузници. Младите да останат во државата и да даваат некој свој придонес кон подобрување на земјата.
ТРН: Што мислиш, дали е побитно да се има силна страст за промени кон подобро или да се биде истраен, методилен и добро организиран?
Бленди: Мислам дека двете се дополнуваат од неколку причини. На пример ти може да имаш и страст кон промена, но треба и да си организиран и артикулиран кон тие промени што сакаш да ги постигнеш. Еден од проблемите со кои моментално се соочуваме во земјава е тоа што имаме апатични млади што иако имаат страст за да прават промена во општеството, не се организирани кон постигнување на тие желби или цели кои што ги имаат. Така што мислам дека нас ни треба како млади е да сме организирани сите, за тие цели кои што сакаме да ги постигнеме. Во ред е да имаме и страст кон тоа што сакаме да го постигнеме, но од друга страна треба да сме организирани и исто така и да ги артикулираме сите наши барања кои ги имаме кон институциите. Зошто тоа е важно? Затоа што ако ние сме тоа клишето што политичарите го користат, дека ние сме иднина, треба да знаеме дека одлуките што се прават сега, влијаат кон тоа со каква иднина ќе бидат тие што ќе ја водат со државата после 10-15 години. А, тие што ќе раководат со државата после 15 години се нашата генерација што моментално се гради. Тоа се личностите и луѓето кои ќе раководат со многу полиња во општеството.
Еразмус плус програмите се најдобро искуство за малдите
ТРН: Денес младите имаат можност преку Еразмус плус програмата да стекнат нови искуства и да се надградуваат во делот на неформалното образование. Какво е твоето искуство со овие програми?
Бленди: Еразмус размените се едни од најдобрите искуства што еден млад човек денес може да ги има во земјава. Јас сум имал прилика да бидам дел од над 16 Еразмус проекти каде што сум се стекнал со многу знаења, како на пример како да сум гласен и како да дефинирам многу проблеми и да се залагам за решавање на тие проблеми во нашата држава. Така што мислам дека овој вид на проекти, на размени помеѓу младите од нашата држава со други млади од други држави е една од најголемите придобивки што ние како млади можеме да ги имаме и треба да ги искористиме. Треба повеќе наши другари и колеги да се приклучат кон овие програми заради тоа што е нешто што во нашите години не треба да се изгуби, туку треба да се користи колку што е можно.
ТРН: Колку овие програми се значајни за градење на еден млад човек и менување на една матрица која за жал владее?
Бленди: Програмите се важни заради тоа што ја имаат компонентата на неформалното образование и во која некако секој млад може да се изразува подобро. Така што програмите се еден од најдобрите начини како можеме ние како личности да се развиеме и да се стекнеме со подобар потенцијал, но исто така да можеме да разменуваме искуства со млади од другите држави. Ова исто така е вежно кога ни е потребно да развиваме дискусија во однос на различни теми во нашите држави. Така што тоа е една од најголемите придобивки што еден млад човек може да ги има.
ТРН: Кој е твојот интерес во последно време. Што е она во што најмногу се вложуваш?
Бленди: Моментално сум извршен директор на Форумот за образовни промени, невладина организација што се залага за поквалитетно високо образование. Тоа во моментов е еден од најбитните иницијативи во кои што сум многу вложен. Првото е иницијативата за дигитализација за државните универзитети во која се вклучени три невладини организации и целта е да ги поттикнеме државните универзитети да почнат да размислуваат на тоа дека се во 21. век и во 2023 година и да ги дигитализираат услугите и образованието. И второто е воведување на ветинг во високото образование. Ние сметаме дека изминатите години некако се идентификувани со многу неквалитетно образование и многу коруптивни афери. Како може да се подобрува високото образование? Само со воведување на ветинг во високото образование, односно тие професори што се на раководни позиции, ректори, проректори, декани, продекани да поминат низ процесот на ветинг, на проверка. Исто така членовите на одборот за акредитација треба да ја поминат истата процедура, да се проверат исто така и сите академски достигнувања во последните 20 години, затоа што според нашето истражување, нашите наоди покажуваат дека над 40 отсто од професорите, вонредни и редовни не може да ги потврдат нивните академски тези, токму поради тоа што има многу плагијаторствo во нивни научни истражувања. Така што овие две иницијативи за мене лично се многу важни и многу работиме во Форумот за образовни промени, за да можеме да ги имплементираме така како што ги имаме замислено.
ТРН: Покрај Форумот за образовни промени и Филозовскиот факултет, што го окупира твоето слободнио време?
Бленди: Во слободно време читам многу книги, моментално ја читам книгата од Јанис Варуфакис, поранешен министер за финансии во Грција во 2015 година. Книгата се вика„Технофеудализам“. Кога имам слободно време гледам многу документарни филмови за различни феномени што ги имаме во општеството. Овие се две работи што сакам да ги правам во моето слободно време.
ТРН: Сакаш да патуваш како и секој млад човек. Кои се дестинациите кои сакаш да ги посетиш?
Бленди: Интерсно прашање. Една од државите во која сакам да патувам и да ја посетам е Јапонија, поради развиеноста и целиот менталитет што го имаат тие таму. Исто така освен Јапонија, имам некоја желба исто така да патувам и во Јужна Кореја. Сакам некако да излезам од Европскиот континент и да ги видам и другите култури. Каков е нивниот менталитет, каков начин на организирање тие имаат.