Македонија е дестабилизирана поради образованието – смета професорот и поранешен амбасадор во Лондон, Јован Донев. Тој порачува дека во едно општество, образованието е главен столб и без да се направат образовни промени, не се можни останатите реформи.
-Ако коренот не го видите на тоа зошто е Македонија вака нефункционална, вие не можете да најдете решение. Единствено решение е радикални промени во образованието, многу болни и после тоа да почнете да ги спроведувате реформите во другите сегменти. Политичар ако не верува во своја програма, не може да биде политичар – рече меѓу другото Донев, во неодамнешното гостување на ТВ Алфа.
Тој реагира дека политичарите во Македонија немаат програма, а во овој контекст се осврна и на коалициите меѓу македонскиот и албанскиот блок.
Имено, Донев во рамките на телевизиското гостување потсети и на својата колумна од 2020 година со наслов „Коалиција со Беса-почеток на крајот на СДСМ?“.
„ Нашите немаат програма, тоа е проблемот. Кога направија коалиција СДСМ и Беса јас им напишав и колумна. Како правиш коалиција со БЕСА, кога БЕСА се залага за радикална федерализација на Македонија, а сега е порадикално веќе. Како правиш коалиција? Не можеш тогаш да владееш, тогаш владееш само криминално, односно ги гледаш само своите интереси и интересите на соработниците, на тајфата своја. Ако не веруваш во тоа што си го напишал како програма, не ја троши целата енергија за да ја реализираш програмата“, изјави Донев.
Инаку, во колумната од пред три години, Донев критикува дека коалицијата меѓу СДСМ и Беса е спротивна на интересите на македонската држава. Своевремено, тој пишува дека единствен начин тоа да се спречи е ВМРО-ДПМНЕ да победи на избори.
Додека пак, во моментов, партиите сѐ уште се немаат договорено за датум за претседателските и парламентарните избори, опозицискиот албански фронт формираше коалиција под името „Европски сојуз за промени“.
Коалицијата ја сочинуваат Демократско движење, Движењето Беса и Алтернатива, чии лидери Гаши, Касами и Меџити во заедничка изјава порачаа дека СДСМ и ДУИ ќе ги изгубат изборите. Со сличен став е и лидерот на најголемата опозициска партија во македонскиот блок, Христијан Мицкоски кој во интервју за Република, посочува дека ВМРО-ДПМНЕ би ѝ дала шанса на албанската опозиција.
– Ова раководство на ДУИ и дел од луѓето кои се дел од него се сериозно според индициите и информациите кои ги имаме, длабоко вплеткани во криминал. Нашата посакувана опција е така наречената албанска опозиција. Видовме пред некој ден окрупнување околу таа опозиција – истакнува Мицкоски.
За потсетување, БЕСА и ВМРО-ДПМНЕ веќе се во коалиција во општината Тетово каде градоначалник е Касами.