Јавноста повеќе нема дилема дека Музејот на УЧК што Али Ахмети го отвори во кумановското село Сопот е дивоградба, изградена на државно земјиште, чиј корисник е ЗИК Куманово. Тоа го потврдуваат и имотните листови од Катастар. Но, по дистанцирањето на ДУИ од Музејот со образложение дека е приватен објект, ги проверивме фактите колку оваа постановка е навистина посветена на мачениците од Сопот, кои загинале во 1944 година, како што тврди Ахмети. Три од најспоменуваните четири фигури на борци на кои им се оддава признание во Музејот, немаат врска со Сопот, туку се борци на УЧК, родени и убиени во Косово.
Во саботата на 4 ноември, во кумановското село Сопот беше отворен Музеј – спомен комплекс. Главен гостин беше лидерот на ДУИ и некогашен командант на Ослободителната национална армија (ОНА) од конфликтот во 2001 година, Али Ахмети. Музејот содржи експонати, фотографии и други материјали, но вниманието на јавноста го привлече големата мермерна плоча со границите на Голема Албанија, која опфаќа голем дел од територијата на Македонија, Србија и Грција. Два дена подоцна, оваа плоча поставена пред влезот на музејот, ја снема и од неа остана само каменот, на која беше стоеше.
На отворањето Ахмети рече дека овој комплекс е посветен на масакрот од 1944 година врз 64 жители од Сопот.
„Денеска во спомен комплексот во село Сопот се потсетивме на една од најтемните епизоди во нашата национална историја, масакрот од 1944 година врз 64 жители на ова село. Нашата слобода е заснована во крвта на најдобрите синови и ќерки на нашата нација, во големината на нивниот патриотизам. Вечен нека им е споменот! Слава на сите маченици и маченици на нацијата!“, напиша Ахмети.
Фотографии со борци од УЧК доминираат во музејот
Меѓутоа, од изложените фотографии, особено оние централните во големи димензии, се гледа дека доминираат борците на УЧК, кои со мали исклучоци, немаат врска со Сопот а особено не со масакрот од 1944 година кога не биле ни родени.
Меѓу изложените фотографии се и тие на Исмети и Адем Јашари, Хамзе Јашари, кои се бореле и загинале во косовските настани во 1998 година. Единствено Фадил Нимани, кој исто така потекнува од Косово учествувал во македонскиот конфликт во 2001 година, борејќи се како командант на бригада во кумановскиот крај.
Само едно пребарување на интернет потврдува дека овие борци немаат врска со Сопот.
Исмет Јашари, познат и како командант Куманова, бил албански командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) кој бил убиен на 25 август 1998 година за време на борбите со српските сили во Клечке, Косово . По војната во Косово бил прогласен за херој.
Јашари се борел во Косово, додека врска со кумановско – липковскиот крај е во неговото потекло. Тој е роден во селото Оризаре, општина Липково но неговото семејство многу рано се преселило во Јужна Србија.
Втората фигура од фотографиите – Адем Јашари, е основач и водач на албанската организација ОВК е роден во Дреница, Косово . Српските безбедносни сили со помош на српската војска го ликвидирале во неговата куќа во Прекази, Дреница, заедно со 56 членови на неговото семејство во 1998 година.
Хамзе Јашари бил косовски Албанец и борец, брат на Адем Јашари. Бил командант на ОВК и го придружуваше неговиот брат Адем за време на војната во Косово . Убиен е во исто време како и неговиот брат.
Фадил Нимани бил косовски командант на Ослободителната војска на Косово (ОВК) за време на војната во Косово (1998–99), и на Ослободителната национална армија (ОНА) за време на Конфликтот (2001). Назначен е за командант на 114-та бригада на ОНА, активна во кумановско, а под своја команда имал околу 150 луѓе. Тој беше убиен од македонските специјалци на 25 мај 2001 година. Во негова чест во Ваксинце албанските политичари поставија статуа.
Според тоа, неточно е тврдењето дека музејот ги слави жителите на Сопот, кога акцентот е ставен на борците од УЧК, со знамиња и целата иконографија на луѓе и конфликт, кој нема врска со Македонија, а најмалку со Сопот.
Портпаролот на ДУИ, Бујар Османи се обиде да објасни дека Музејот во Сопот не е музеј на УЧК, а Ахмети бил само гостин во приватен објект. Но, на прашањето ако објектот е посветен на жителите на Сопот, зошто тогаш целиот музеј е со иконографија на УЧК, Османи немаше објаснување, туку само го повтори одговорот.
– Тоа е музеј којшто одбележува убиство на 60-тина селани на Сопот во 1944 меѓутоа беше погрешно претставен како музеј на УЧК, одговори Османи.
Кога ќе се погледне интернет страната на партијата ДУИ, може да се види дека Али Ахмети редовно е на свеченостите за откривањето на спомениците на паднати борци на УЧК во Косово. Последните месеци бил на откривањето на повеќе спомен бисти во тетовско и кумановско. Лани во мај во чест на паднатите борци на ОНА, Ахмети откри 20 – метарска кула во Слупчане. Министерството за транспорт и врски, наспроти тврдењата на локалните власти, негираше дека била побарана градежна дозвола од нив, додека Министерството за култура се огради од објектот.
Музеј – дивоградба
Музејот е изграден на приватен објект, рече премиерот Димитар Ковачевски, со што се огради од овој објект. Меѓутоа, ова не е точно. Како што покажа имотниот лист, е изграден на државно земјиште дадено на користење на ЗИК Куманово АД. На документот од Агенцијата за катастар, стои дека парцелата 963, каде е музејот, е пасишта и плодно земјиште. Објектот е дивоградба, тврди градоначалникот на Куманово, во чија општина е парцелата, Максим Димитриевски.
-Целиот објект е дивоградба и Општина Куманово нема издадено никаква документација во врска со градба на овој објект. Од страна на надлежна инспекциска служба е направен записник. Записникот е насочен кон НН лице, бидејќи од присутните лица таму никој не се пријавил дека е инвеститор или, пак, сопственик на објектот, изјави Димитриевски.
Записникот е истакнат на огласна табла, а општината најави пријава до полиција да се открие кој е инвеститорот, кој изградил на диво. Според изјавата на Димитриевски, ќе може лесно да се открие кој е инвеститорот, бидејќи до кумановскиот Сектор за урбанизам дека за оваа парцела има барање за легализација, поднесено во 2018 година од страна на физичко лице.
-Согласно законот Општина Куманово поднесува до сите прекршители на законот доколку има кривична одговорност, кривична пријава до надлежното Јавно обвинителство Куманово, или Основно јавно обвинителство. Оваа година имаме поднесено вкупно 14 кривични пријави, ова ќе биде 15-та и продолжуваме со носење на решение за извршување на објектот и потоа ќе следува процедура за уривање на објектот”, вели Димитриевски.
Според Кривичниот законик, градење на државно земјиште, и тоа е кривично дело: „узурпација на недвижности“ (по членот 225).
Во меѓувреме, треба да одговорат и од Министерството за култура, кое е законски надлежно да издаде дозвола за отворање на музеј. Законот за музеи предвидел дозвола од ова министерство и во случај кога се работи за приватен музеј.
На нашите прашања испратени до Министерството за култура, не добивме одговор.
В.К.