Неодамна спроведената анкета на „Внимание, внимание“, објавена на „Трн.мк“ покажува дали анкетираните повеќе гледаат вести на ТВ, или на интернет, дали се информираат преку социјални мрежи, или на портали.
Најголемиот дел од анкетираните само го потврдија веќе докажаниот тренд на информирање, преку социјалните мрежи.
Некои од нив велат дека се информираат и преку ТВ, и на интернет, и преку портали и на социјални мрежи.
Прашани дали постојат многу лажни вести, анкетираните граѓани одговараат потврдно, притоа – некои сметаат дека повеќе ги има на социјални мрежи, други на ТВ, а некои дека ги има секаде.
Дали може да ги снема телевизиите за неколку години е прашањето на кое исто така се добиени најразлични одговори.
Едни сметаат дека е можно, други не веруваат во тоа, барем за скоро време, во следниве 15-20 години. Трети предупредуваат дека ако продолжи трендот ќе ги снема, затоа што „пола народ не гледа ни вести, ни ништо“.
Заедничко и за помладата и за повозрасната публика е тоа што како што покажале резултатите од анкетата и едните и другите не ги земаат вестите здраво за готово, гледаат неколку извори, ги споредуваат, гледаат од повеќе медиуми што кој кажал, ја примаат секоја информација со резерва, и укажуваат дека „треба да бидеме медиумски писмени“.
Анкетата „Внимание, внимание – зборуваат граѓаните“, се емитува на каналите на „Трн“ (на Фејсбук, YouTube, и на Инстаграм) и нејзината цел е да се чуе гласот на граѓаните, посебно на младите. Гласот на граѓаните нѝ го претставува артистот Дениз Абдула, а продукцијата е на „Трн.мк“.