Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во денешното гостување на “ Утрински печат “ зборуваше за последниот пакет антикризни мерки кои треба да почнат да се спроведуваат во текот на наредната недела и особено за оној дел од мерките наменети за подобрување на животниот стандард на пензионерите.
Како што исткна, со новиот пакет мерки ќе бидат опфатени сите пензионери од ранливите категории на пензии кои ваквата дополнителна финансиска помош ќе ја добиваат во текот на наредните неколку месеци, најмалку до месец април наредната 2024 година.
- „Ние направивме неколку категории на пензионери, пензионери под 14.000, кои што примаат до 14.000, до 16.000 и до 19.000 денари. Овие ќе добијат дополнителен финансиски додаток како што работната група преговараше. Ќе добијат фиксен додаток“ рече Битиќи.
Вицепремиерот за економски прашања нагласи и дека различните категории ќе добијат различни износи на помош, но и дека и во овој пакет антикризни мерки предвидени се средства како енергетски додаток за ранливите категории со социјални пензии.
Во своето гостување на “ Утрински печат “ , Битиќи посочи и дека до 2017та година пониска пензија од 14 000 денари земале повеќе од 240 000 пензионери во земјава, додека денес нивниот број е преполовен.
- „Сите забораваме дека кога дојдовме во 2017 година, скоро повеќе од 240.000 добиваа пензии под 14.000 денари. Денес, имаме 106 000 пензионери кои добиваат пензии до 14.000 денари, а овие другите 130.000 веќе добиваат пензии скоро до просечна пензија“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во „Утрински печат“.
Зборувајќи за барањата на пензионерите за воведување минимална пензија, Битиќи нагласи дека се прават последните анализи околу тоа што тоа ќе значи за пензискиот фонд.
- „За минимална пензија се прават последните анализи дали има услови и што тоа ќе значи за пензискиот фонд. За жал, ние кога ги анализираме често забораваме колкав е бројот на пензионери кои биле под некоја претпоставена минимална пензија“ рече Битиќи.
Според зборовите на вицепремиерот за економски прашања, до сега се покажало дека антикризните мерки даваат резултати, а последна потврда за тоа е и намалената инфлација во земјава која до крајот на годината се очекува да го достигне нивото од периодот пред кризата.
- „Мерките што ги преземаме даваат резултат. Кажавме дека до крајот годината ќе ја завршиме на висина со скоро исто ниво на инфлација како што имавме и пред кризата. 3.5% последната инфлација, последниот месец“ рече вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во „Утрински печат“.
Тој додаде дека сериозно е намалувањето на нивото на инфлацијата од 19,8 % колку што беше минатата година во октомври, на само 3,5 %, што според него се должи токму на сетот мерки кои се преземаат од страна на Владата во оваа насока.
Како уште една потврда за успешноста на спроведените мерки, според Битиќи е и зголемувањето на малопродажните цени од само 1% во текот на последниот месец, што практично значи дека нема промена на цените.