По инсталација на новиот акцелератор кој беше купен пред седум години, Клиниката за онкологија ќе има на располагање четири акцелератори кои ќе бидат наменети за потребите на пациентите со малигни болести.
За ова денеска информираше министерот за здравство, Фатмир Меџити кој беше во посета на Клиниката за онкологија и рече дека согласно предвидената динамика во која се опфатени фазите на инсталација на системот, мерења, калибрации и моделирања конечното пуштање во употреба се очекува да се реализира за период од три месеци.
Меџити исто така посочи дека пред неколку дена завршени се и последните стручни консултации со претставници за КАТО системот, пред објава на тендерот потребен за негово враќање во функција.
-КАТО системот ќе се врати во функција со средства обезбедени со ребаланс на Буџетот, a со неговото ставање во функција ќе обезбедиме прецизно дозирање, безбедно чување на цитостатиците и долгорочна заштита од евентуални злоупотреби, изјави Меџити.
Во врска со прашањето кога би бил пуштен во употреба КАТО системот, тој рече дека иако не може да се каже со сигурност, се очекува тоа да биде подготвен до јуни следната година.