Војната меѓу Израел и Хамас го зголеми степенот на ризик по безбедноста во Македонија. Сепак, граѓаните во моментот треба да се чувствуваат безбедно – уверува националниот координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот Златко Апостолоски. Дека нема индиции кои укажуваат на можно загрозување на безбедносната состојба во земјава, беше оценето и на завчерашната седница на Советот за безбедност. На седница која ја свика шефот на државата, Стево Пендаровски беше оценето дека безбедносната состојба овде е стабилна.
Настаните меѓу Израел и Палестина би можеле да ескалираат, а доколку тоа се случи, реално е да очекуваме состојбата да се одрази и во регионот на Западен Балкан – истакна на брифинг со новинарите Златко Апостолоски, националниот координатор за борба против тероризмот.
Апостолоски: Да се гледаат фактичките, а не политичките карактеристики на конфликтот
Според него, не е исклучена можноста да почнат да се регрутираат граѓани од земјава на едната или на другата страна во војната, но сѐ уште е рано да се каже дали некој агитира за луѓе од овде да одат на тамошните боишта.
„Можност секогаш постои, не е исклучена можноста. Уште повеќе многу зависи и како ќе се одвиваат настаните, дали ќе траат долго или ќе завршат за одреден период. Доколку ескалираат состојбите и доколку се вклучат и трети страни, конкретно зборуваме за Израел и Хамас, во тој случај реално е да се очекува дека и од регионот на Западен Балкан ќе има одредена поддршка – дали на едната или на другата страна. Јас сега бев во Босна пред една недела и учествував на една конференција на која зборувавме токму за овие теми. Во Босна да речеме, постои масовна поддршка на Палестина. Луѓето по верска основа се поистоветуваат со Палестинците и затоа во Босна постои поинтензивна и поголема поддршка. Многу рано е за да кажеме дека постои организирана форма на регрутирање на луѓе кои би заминале во Палетина. Сега засега навистина она што го кажав е само она што се пишува на социјалните мрежи, а некоја поорганизирана форма на агитирање во еден или во друг правец, не е регистрирана. Понатака како ќе биде, зависи како ќе се одвиваат самите настани“, појасни Апостолоски.
Тој истакна дека за нас како држава во овој случај, не е важно да ги гледаме политичките карактеристики на ваквиот воен конфликт.
„Кога зборуваме за оваа работа, ние не смееме да ги дискутираме политичките карактеристики. Ние зборуваме за тоа што е фактичката ситуација, а таа говори дека на седми октомври одредена терористичка организација која е регистрирана во регистерот на терористички организации, изврши терористички напад. Ефектите се класичен теористички напад, односно да се предизвика голем број цивилни жртви и паника кај населението. Тие работи беа во целост исполнети. Понатаму каква ќе биде политичката констелација на расплетот на случајот, тоа нас како професионалци не треба да нѐ засега“, истакна Апостолоски.
Тој укажа дека ако воено е поразен Калифатот, идеологијата не е поразена. Оттука, можноста за постоење на центри каде што се пропагира и шири ваквата идеологија на просторот на Балканот, е реална.
„Кога зборуваме за степенот на ризик, ние сѐ уште се движиме до средно ниво на ризик. Кога ги правиме тие стручни проценки за ризик, сѐ уште се водиме според парамтерите кои ги имаме и дека сме на средно ниво на ризик кон ниско ниво. Работите може да се сменат многу бргу. Затоа и кажав дека никој не може да даде целосна гаранција, ние сме должни да работиме за да не се случи тој, но секогаш постои можност да се случи“, додаде Апостолоски.
Токму поради ваквите активности, тој рече дека државата гради превентивни механизми за спречување на насилниот екстремизам, а тие механизми се и на локално ниво со цел да се препознаат лидерите кои агитираат за одредена страна и кои може да ги доведат во заблуда нашите граѓани за да ги однесат на некакви боишта каде би војувале за туѓи интереси и цели.
Таквите механизми се во рацете на општините, а тие согласно двете национални стратегии за спречување на насилен екстремизам и за борба против тероризмот, треба да формираат локални совети за превенција. Искуството покажало дека онаму каде што има вакви совети, тие функционираат добро, но кај локалните самоуправи сѐ уште треба да се јакне свеста дека и тие се значајна алка за справување со ваквите прашања.
„Кога разговараме за радикализација и насилен екстремизам, сите се согласуваме во една констатација – превенцијата е најевтина во овој случај. Колку и да изгледа скапо на почеток, таа е најевтина и затоа одиме кон тоа што повеќе да ги подигнеме превентивните механизми на локално ниво. Самата Национална стратегија предвидува бројни алатки кои им ги нудиме на општините, не е новина, ние силно инсистираме тие да формираат совет за превенција. Во одредени општини, локалните совети за превенција функционираат, не одлично, но добрo“, објасни Апостолоски.
Според него, тие сѐ уште не функционираат според замислата, но градоначалниците полека се убедуваат дека тие се важни во борбата против радикализацијата.
„Советите имаат за единствена цел да третираат повеќе прашања кои се актуелни во локалната власт – врсничко насилство, појава на употреба на наркотични средства кај учениците, како и за други појави кои излегуваат надвор од едно нормално однесување. Лошо е кога безбедносните институции ќе дојдат да интервенираат во образованието. Тогаш ние сме пропуштиле нешто во превенцијата. Тогаш локалните совети за превенција ги третираат ваквите прашања и во самиот зачеток самата локална заедница да може да ги менаџира и да ги реши ваквите проблеми“, потенцираше Апостолоски.
Во меѓувреме, државата има развиено посебни процедури и формирано тимови кои работат на тоа да го спречат ширењето на радикалните идеи во затворите.
Во Македонија сѐ уште нема посебни затвори каде би биле сместени осудените повратници – странски терористички борци, но како што вели Апостолоски, нивното однесување се набљудува.
„Индивидуални случаи секогаш можеме да најдеме, но вистината е дека процесот на интензивна радикализација во затворите е спречен. Моментално постои добра координација на безбедносните служби, вклучително и МВР со затворските власти. Тоа успеавме во овие две години да го дигнеме на едно високо ниво да соработуваат. Во целиот тој систем е вклучено и Мининистерството за труд и социјална политика, односно центрите за социјална работа, кои интензивно работат со затворските власти и безбедносните институции шест месеци, до година време овие затвореници да ги подготват за излегување од затвор“, истакна националниот координатор за борба против тероризмот.
Повратниците пак, кои не издржуваат затворска казна, се вклучени во процес на ресоцијализација заедно со нивните семејства. Во ваквиот процес каде поддршка освен институциите даваат и граѓанските организации, повратниците може да се приклучат по слободна волја доколку се вратиле самоиницијативно, а за останатите вклучувањето во програмата за ресоцијализација е задолжително. Организациите кои оваа проблематика ја следат одблизу, велат дека за разлика од овде, постојат држави меѓу кои и Германија и Албанија кои не сакаат да ги вратат терористичките борци назад, или ги враќаат само жените и децата, а не и мажите.
И невладиниот сектор вклучен во поддршката за ресоцијализација
Директорот на Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС), Александар Кржаловски вели дека за безбедносните структури во одредени национални системи, процесот на ресоцијализација претставува „невозможна мисија“.
„На пример, ако се гледа од безбедносен аспект, генерално безбедносните структури и полиција пред сѐ, но и армија и други служби за државна безбеднос, тоа го гледаат како проблем од безбедносен аспект и воопшто не земаат предвид социјален аспект и зошто тие луѓе и како отишле таму, како се вратиле и дали може да се рехабилитираат. Генерално, ставот не само кај нас туку и глобално е така, безбедносните служби сметаат дека не е можна реинтеграција и ресоцијалзиација на овие лица. Од друга страна и по други прашања, не само конкретно за ова како што е тероризмот, туку и за други асоцијални појави. Си има и методологии и пракса на ресоцијализација, почнувајќи од затворите. И кај нас го имало тоа, во смисла на помали кривични дела, па и потешки, си има програми за ресоцијалзиација. Сега кога ќе се земат двете во комбинација, значи и во вакви тешки случаи условно речено, е можна таква реинтеграција“, посочува Кржаловски во изјава за Канал 77, објаснувајќи ги причините поради кои невладиниот сектор исто така е вклучен во процесот за реинтеграција на повратниците.
-Кај нас имаше период на прилагодување, навикнување на државните институции на можна улога на невладиниот сектор во поддршка на тој процес, односно воопшто отпочнување на тој процес – истакнува директорот на МЦМС додавајќи дека повеќе работат со оние за кои е проценето дека заминале поради економски, а не поради идеолошки причини.
Кржаловски објасни и како одблизу изгледа работата со повратниците:
„Главно на почетокот им се дава психосоцијална поддршка, односно да се види и да се истражат причините зошто воопшто се случило тоа. Тие имаат разговори и сеанси со психолози кои се дополнително обучени за вакви случаи. Се идентификуваат и други потреби. Практично се трасира патека за рехабилитација и ресоцијализација. Односно се согледува како можат продуктивно да се вклучат во општеството со наоѓање работа или преквалификација за некоја дејност или започнување на свој бизнис, за соработка со заедницата во која живеат, за спречување понатамошна радикализација на други кои се во контакт со нив“, заклучува Кржаловски.
Статистиката покажува дека во последните неколку години, 143 граѓани од Македонија заминале да се борат за Исламската држава, а во моментот петмина се на границата меѓу Сирија и Ирак. Во земјава веќе се вратени 85, а во ппрограмата за ресоцијализација се вклучени пет жени и 14 деца кои се сметаат за жртви, а веќе се вклучени во образовниот систем.
Следејќи ги случувањата не само на Блискиот Исток, туку на северот на Косово, како и во Украина, надлежните институции порача дека безбедносната состојба во Македонија е стабилна. На седницата на Советот за безбедност која завчера ја свика претседателот Пендаровски, надлежните истакнаа дека нема индиции за загрозување на безбедносната состојба и ја констатираа потребата од изготовка на можни сценарија согласно развојот на настаните, со цел навремено преземање на мерки и активности од нивна надлежност.
Вања Мицевска