Македонската јавна администрација сѐ повеќе се дигитализира, но само на хартија и во јавните говори на политичарите. Во пракса, бизнис секторот е многу поприлагоден на новото време, а за тоа да го направат јавните институции треба да се покаже политичка волја.
Додека глобалното општество вртоглаво брзо еволуира дигитално, Македонија се обидува да држи чекор преку дигиталната трансформација во приватниот сектор, а јавниот само делумно обезбедува електронски пристап до услугите. Претставниците на бизнис секторот велат – и покрај првичниот отпор, дигитализацијата во работењето носи огромни придобивки и за компаниите и за клиентите, но институциите треба уште многу да работат за да има раздвижување кај нив на овој план.
Претседателот на Управниот одбор на МАСИТ (Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии), Илија Господинов вели дека македонските граѓани и компании лесно ги прифаќаат промените кои го дигитализираат секојдневието. Според него сепак, институциите страотно заостануваат.
„Ова е повеќеслојно прашање. Македонија како општество не е многу далеку ниту со мајндсет ниту со практичен пристап кон дигитализација. На пример, во многу европски градови во кафулињата не може да се плати со картичка. Во Македонија дури и на пазар може да се плати електронски. Не секаде, но во добар дел на Европа не може да се плати електронски на пазар или во такси, на пример. Основата и желбата кај луѓето постои. Луѓето многу лесно ги прифаќаат овие промени и оптимизации со кои можеме да направиме да ни биде полесно. Кога зборуваме за Македонија на државно ниво, тогаш страотно заостануваме. Има раздвижување кај приватниот сектор, но институциите се далеку од дигитализација“, забележува Господинов.
Дигитализацијата несомнено ќе ја направи администрацијата поефикасна, но за тоа да се постигне, политичарите мора да покажат волја.
„Ако сакаме да зборуваме за дигитализација, за брза и ефективна администрација, државата треба да се грижи за благосостојбата на сопствените граѓани. Сепак, триаголникот кој е составен од зависноста од комфор, од дневно политиканство и корупција, го уништува сето тоа. Кога ќе видам општество без срам и совест, тоа ме разочарува и ми носи товар кој ме ограничува во тоа што сакам да го направам. Зависноста од тоа да се биде во комфор-зона кај нас е влошена со дневното-политиканство и со страотно високо ниво на корупција“, додава Господинов.
Според него, промените веќе се започнати, но секој треба да го направи своето, за тие да станат поголеми.
„Никој овде не треба да биде ставен во ситуација во која интегритетот ќе му биде ставен под прашање заради некој елемент од овој триаголник кој го зборевме пред малку. Дигитализацијата е започната и има различно ниво на политичка волја да се дигитализираме во различни моменти. Политичката волја не е нешто што може да го наметнеме или контролираме. Но новинарите, бизнисите и граѓаните треба и мора константно да притискаат и да ги држат одговорните за тие процеси на дигитализација. Дигитализацијата е започната и кај нас, дури и во едноставни процеси како вадење извод од матична книга, пасош и други типови документи…Започнато е ова. Политичката волја е пречка тука и наше е само како бизниси да притискаме на вистински начин и да бараме одговорност. Ако нема одговорност, ние само играме овде. Не работиме, не живееме и играме игра“.
А што значи да се дигитализира работата на приватниот сектор, доловува директорот на експозитурата за средни претпријатија во ПроКредит Банка, Александар Тодоров. Раскажува дека оваа банка, почнала да им нуди дигитални услуги на клиентите во 2015 година, кога дури и внатре меѓу самите вработени имало отпор.
„Се сомневаа како сега ќе правиме дигитализација, но ако е тоа стратешки пристап, тогаш има огромни придобивки за било која компанија. Најголемите придобивки од нашето работење се во делот на заштеда на трошоци, што е многу важно, второ-подобрена ефикасност и продуктивност. Заштедата на трошоци е очигледна, нормално првично ве чека некоја иницијална инвестиција зависно од процесот кој го дигитализирате. Откако таа инвестиција ќе се направи, бројот на вработени автоматски може значително да се намали, затоа што менаџирањето со ќешот го прави машина. Искуството на клиентот е секогаш исто“, објаснува Тодоров.
Сепак, тој истакнува дека намалувањето на бројот на вработени не мора да значи директно намалување.
„Може да значи дека вашите вработени може да се фокуираат на многу поквалитативни задачи кои машина не може да ги изврши. Нашите вработени сега се фокусирани на советодавни услуги и разговори со клиентите, а не за некоја мануелна операција како што е броењето пари. Придобивка за вработените е тоа што кога вие ќе дигитализирате мануелни и едноставни задачи имате помотивирани вработени кои чувствуваат поголема награда од своите операции. Сите овие придобивки – намалување на трошоци, зголемување на продуктивноста и на ефикасноста затоа што вработените имаат додадена вредност во својата работа, на долг рок носат зголемена конкурентност. Дигитализацијата е процес кој е правилна одлука и покрај сите предизвици“, смета Тодоров.
Тој вели дека и дигиталните алатки може да имаат недостатоци, но важно е да се видат придобивките од нивното користење.
„Заштедата на време за клиентите е огромна, безбедноста што ја добиваат е далеку подобра и тие имаат повеќе време да се фокусираат на нивните важни работи. Таа придобивка клиентите ја осознаваат природно и веднаш, веќе не би можеле да замислат да се вратат на начинот на кој работеле претходно. Барањата веќе пристигнуваат електронски, банката ги обработува и потоа клиентите треба само да потпишат електронски. Голем дел од правните лица веќе користат сертификати и се чекаат законските измени со кои и физичките лица ќе може со дигитални сертификати да завршуваат работа. Тоа дополнително ослободува време и енергија. Замислете клиент да патува во гужвата само за да потпише документ, а сега сѐ се одвива електронски. Намалувајќи ги трошоците кај нас, дел од придобивките ги пренесовме на нашите клиенти. Тие завршуваат работа и плаќаат помалку за неа.Тоа е долгорочна конкурентност која дигитализацијата ја овозможува. Ние сите сакаме унифицирана услуга и да биде релативно брза, а за тоа да платиме конкурентна цена“, заклучува Тодоров.
Со ваквиот пристап, компаниите сѐ повеќе може да креираат дигитални алатки кои на еден или друг начин ќе им го олеснат животот на граѓаните. Пример за тоа е и искуството на Нино Карас, коосновач на компанијата CodeWell.
„Како студенти на ПМФ во 2010 година, решивме да направиме апликација која беше наменета за андроид телефоните, а во тоа време малку луѓе ги користеа. Направивме апликација којашто се викаше автобуско и којашто имаше за цел, да дава навигација како да стигнеш од една до друга точка во градот и да навигираш за да не чекаш автобус по половина час. Реално, тоа беше и решавање на наш проблем. Ја спакувавме таа апликација и ја пуштивме без пари, немавме намера да правиме компанија. Но апликацијата стана популарноста во тој некој скромен круг на корисници во тоа време, се јави желба од еден оператор за да ги откупат правата и тоа ни беше некој мини-егзит. Потоа некако природно навлеговме и пасијата и задоволството што ги имате да направите продукт кој луѓето ќе го користат и ќе кажат дека тоа им помогнало на еден или друг начин, ни создаде визија да отвориме компанија која ќе креира иновативни продукти низ годините за да решаваат одредени проблеми на луѓето“, раскажува Карас.
„Така ја започнавме компанијата во 2010 година, како компанија која беше меѓу првите во Mакедонија што работеше на развој на мобилни апликации. Развивавме продукти по нарачка за други компании, сѐ до 2015. Тогаш решивме да го ставиме фокусот на вештачка интелигенција. Низ годините растеа двата оддели, но во 2021 сфативме дека продукт делот ни носи поголем профит и решивме да се конвертираме назад кон продукт компанија. Така почнавме природно кон патот на бизнисот, особено во делот на информатиката. Работевме на вештачка интелигенција пред да биде популарна, но дури сега ги гледаме резултатите и промените кои таа ги носи“, додава Карас.
Каде се институциите на патот на дигитализацијата?
Наспроти ставовите на бизнис секторот, дека компаниите многу повеќе од институциите ги применуваат дигиталните алатки, властите се фалат дека дигиталната трансформација е огромна и видлива. Тие најавија и ново тело кое според најавите, ќе управува со промените, ќе поставува стандарди за безбедна размена на податоци и ќе се грижи за сајбер безбедноста.
Со сите овие прашања, всушност ќе се занимава Агенцијата за дигитализација. Најавите за формирањето на новата агенција пристигнаа во април кога премиерот Димитар Ковачевски и министерот Азир Алиу на прес конференција соопштија дека тоа ќе се случи до крајот на оваа година. И по половина година од најавата, Агенцијата не е формирана.
Ваквиот факт и не изненадува многу ако се знае дека во напорите за дигитална трансформација на нашите власти, беше предвидена и Националната стратегија за вештачка интелигенција која беше најавена, но досега не е искреирана.
Работната група кога треба да го изготви документ за две години одржа само еден состанок, наспроти уверувањата на властите дека ќе направат сѐ, државава да биде во чекор со глобалниот процес на дигитализација.
Вања Мицевска