Седумдесет и една општина не потрошиле средства од својот буџет за родово одговорни политики, а повеќе од половина нема ниту документи за планирање вакви политики за референтната година, покажуваат резултатите од истражувањето направено од Реактор – Истражување во акција. Денеска се одржа панел дискусија насловена „Политичка и општествена еднаквост на жените на локално ниво“ на која Реактор ги презентираше наодите од нивното истражување.
Ана Бојчевска Митревска, истражувачка во Реактор, нагласи дека иако политичките партии декларативно поддржуваат учество на жени во политиката, оваа поддршка изостанува кога се во прашање извршни позиции коишто не се предодредени од квоти. Еден од наодите покажува и дека најголем дел од советниците и советничките чувствуваат лична одговорност за унапредување на родовата еднаквост во државата, но сепак еден од тројца мажи советници сметаат дека на жените не им е местото во политиката.
– Еден од тројца мажи советници сметаат дека на жените не им е местото во политиката. Овој наод е особено загрижувачки, бидејќи токму мажите се оние кои се на одлучувачки позиции во телата на партијата и тие се оние кои што одлучуваат дали некоја жена ќе биде поддржана или не да се вклучи во партијата, рече Митревска.
Дополнително забележано е дека жените коишто се политички активни на локално ниво се многу почесто жртви на родово базирано насилство за разлија од нивните машки колеги.
Васка Лешоска, истражувачка во Реактор, истакна дека истражувањето покажува дека во една просечна општина има шест советнички наспрема 10 советници и досега немало ниту една градоначалничка.
Според податоците од пописот во 2021 година, како што истакна таа, просечната плата за нажи е 25 698 ден а за жени 22 670 денари. Наодите од истражувањето покажуваат и дека 41 општина во државата нема матичен гинеколог, и дека 21 општина немала детска градинка, со што вработеноста на жените во таквите општини се намалува.
– Во општините во коишто има барем на државна детска градинка, со зголемување на процентот на згрижени деца се зголемува и стапката на вработени жени, истакна Лешоска.
Истражувањето покажува дека единствен индикатор во којшто има еднаквост помеѓу мажите и жените во просечната општина е образованието.
– Бројот на жени и мажи со високо образование во просечната општина е сличен, а во некои општини бројот на жени со високо образование е поголем од бројот на високообразовани мажи. Меѓутоа, за жал, ова не е рефлектирана во еднакви можности за вработување и се уште имаме големи јазови во вработеност, месечна заработувачка, односно плати и пензии, нагласи таа.
Ивона Пауновиќ Бишевац од Тело на Обединетите нации за родова еднаквост и зајакнување на жените – UN Women, истакна дека според индексот од истражувањето нправено во 2019 година, нашата држава заостанува во доменот на пари и доменот на време кај жените во споредба со истите кај мажите.
– Во доменот на пари, којшто ги мери нееднаквостите во пристапот на финансиски ресурси и економската состојба на жените, иако има поместување од 2,2 поени за разлика од првиот индекс, сепак резултатот од овај домен покажува дека имаме значајна родова нееднаквост кога станува збор за економската состојба на жените и нивното учество на пазарот на труд. Во доменот на време нашата држава има најниски поени. Тоа е домен којшто ги мери нееднаквостите во поглед на грижата, на неплатениот труд на жените како во домот така и во општеството, како и времето кое што жените го посветуваат на општествени активности, па дури и одмори и време за рекреација, нагласи Бишевац.
Претставничката од Министерството за труд и социјална политика, Габриела Маџоска, на панел дискусијата нагласи дека борбата со родовата нееднаквост не почнува сега, односно дека нашата држава има широка правна рамка за промовирање на еднаквите можности на мажите и жените со која се унапредува положбата на жената.
– Покрај Законот за родова еднаквост имаме стратегија која е донесена минатата година. Имаме национален акциски план. Го објавивме и вториот индекс за родова еднаквост. Министерството креира мерки за справување со невработеноста и тоа е една од главните одлуки на Владата. Секогаш се внимава да се запази родовиот аспект, односно да има еднакво учество на жените и мажите со цел поквалитетна интеграција на пазарот на трудот, истакна Маџоска.
Таа потенцираше дека во последниве две и пол години преку мерките на Оперативниот план за вработување вработени се 3370 жени, а со вештини и квалификации барани на пазарот на трудот се стекнале околу 6000, со што опфатот е некаде околу 10 000 жени.
На панел дискусијата се обратија и раководител за развојна соработка од Шведската амбасада, Микаел Атерхог и Роберт Скот Хислет од Национален демократски институт.
Микаел Атерхог истакна дека родовата еднаквост е вклучена во сите аспекти од развојот на политиките во Шведска и во носењето на одлуки, и нагласи дека тие придонесоа во подготовката на двете истражувачки студии што се презентираат на панел дискусијата.
Роберт Скот Хислет овој проект ги охрабрува политичките партии преку работните групи за родова еднаквост да ги менуват политиките, но и практиките за обезбедување подобар простор за жените политичари.
– Ова е вторпат Реактор да спроведува ваква истражувачка студија. Првата студија беше спроведена во 2015 година. Акцијата на овие последователни истражувања е дали се случиле некакви промени во однос на поддршката за политичко учество на жените во локалната самоуправа, истакна Хислет.
Заклучоци од панел дискусијата се дека една од главните препораки на истражувањето се да се воведе пристапот 50:50 за учество на жените на претставнички позиции, што може да подразбира промени во Законот за партии. Друга препорака е политичките партии да ги санкционираат случаите на родово базирано насилство во рамки на партијата, но и да овозможат никои поддржувачки услови за жените, особено за жените коишто имаат деца на пречки оска возраст да можат поактивно да се вклучат во политичките процеси.
Според Реактор најважно е и мажите да се вклучат во борбата за родова еднаквост.
Истражувањето е спроведено преку онлајн анкета со 330 советници и советнички и длабински интервју со 32 сегашни советници и советнички, како и сегашни и поранешни градоначалници и градоначалнички.