Благица и Александар Зикови од Штип станаа среќни родители на четири бебиња и тоа на три синчиња и една ќеркичка.
Ова е втора четворка во Штип по 27 години.
ММС ја контактираше среќната мајка, која се породи завчера и која сѐ уште е на Клиниката за гинекологија.
-Супер сум, добро се чувствувам, а дечињата, како што е нормално, се во инкубатор. Ова се наши први деца и не би сакала да раскажувам повеќе за нив сѐ додека не излеземе од болница, а не би сакала ни сега да им ги кажам имињата, ни рече мама Благица за ММС.
Благица и Александар се во брак пет години и не ни сонувале дека еден ден ќе им се случи ваква среќа.
-Пресреќни бевме кога дознавме, не ни очекувавме дека ќе ни се случи ваква убавина. Сега на трети ноември ќе славиме пет години брак. Среќни сме, не сме при себе од среќа. Емоции нѐ совладаа и не можеме да се снајдеме од наплив на емоции, вели Благица и додава:
-Бидејќи знаевме дека ќе бидат четири бебиња, полека дома се подготвувавме, веќе имаме креветчиња за сите, додава среќната мајка и ѝ се заблагодарува на докторката Елена Ели Николовска која ја водела целата бременост.
На целата среќа има и една незивесност, која ја мачи мајката, а тоа е дали ќе добие породилно боледување, бидејќи бебињата побрзаа, а таа не исполнува услов за минимим шест месеци.
-Се родија пред време и имам прекин во стажот. А требаше регуларно да се родат на 25 декември. На 10 ноември требаше да ми поминат месеците за породилно. Бидејќи се порано родени немам право, не се поминати шест месеци од осигурувањето. Се надевам дека надлежните ќе ми се најдат и ќе ми излезат во пресрет за да добијам породилно, вели Благица за ММС.
Весна Миленковска