Денеска во просториите на Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец”, во присуство на бројни колеги, пријатели и најблиското семејството, се одржа комеморацијата по повод смртта на Далибор Ѓошиќ, истакнатиот вокален уметник и солист во овој ансамбл.
На комеморацијата говореа уметничкиот раководител на сценско-уметничката дејност во НУ Танец, истакнатиот етномузиколог м-р Бранка Костиќ – Марковиќ, потоа познатиот музички педагог, инструменталист, композитор и аранжер Сашо Ливрински и вокалната уметница и колешка на починатиот Ѓошиќ од хорот на Танец, Габриела Новевска.
– „За музичар, уметник како нашиот колега Далибор Ѓошиќ испраќањето во вечното почивалиште треба да е свеченост. Музичарите не се испраќаат во тишина, туку со музика и затоа предлагам оваа комеморација наместо со едноминутен молк да ја започнеме со еден музички колаж кој ќе не потсети на нашиот непрежален колега, неговиот раскошниот талент и неговата ненадоместлива улога во нашиот ансамбл” – кажа Костиќ-Марковиќ и го сподели со присутните видео омажот за Далибор Ѓошиќ, после кој следеше повеќе минутен аплауз, чин кој верно го следеше Ѓошиќ после сите негови концертни настапи и кој беше единствено соодветен и за ова негово последно испраќање од колегите. Таа потоа потсети на неговиот животен и плоден професионален пат од кој издвои еден детал од почетоците на неговата кариера како професионален пејач во „Танец”. Во кусата биографија која пред 16 години ја приложил Далибор Ѓошиќ на конкурсот за вработување во Танец, покрај основните податоци за неговото образование и дотогашно искуство го напишал и следното: „Музиката е мојот живот, затоа имам желба професионално да се занимавам со неа.” Ова говори од какво значење за него претставувала музиката – живот.
После воведниот дел проследен со многу фотографии од концертниот и приватниот живот на Ѓошиќ, следеше обраќањето на познатиот македонски инструменталист, композитор и музички педагог, Сашо Ливрински, кој се осврна на долгогодишната соработка со прерано починатиот уметник, зборувајќи за нивната прва средба и најважните моменти на валоризација на неговиот раскошен талент, во Танец, но и на фестивалските сцени.
– „Истакнат пејач од прв ред – солист” во Танец, таква позиција не се добива случајно, туку со многу работа и надоградување на она со што сме дарувани како предиспозиција. Беше еден од ретките млади пејачи што го негуваше македонскиот начин на интерпретирање, со мека боја на гласот, која по потреба стануваше и нешто друго, заради доловување на емоцијата во песната. Заедно со вкусно умереното орнаментирање на мелодиите, го правеше исклучителен пејач од врвен карактер. Можам да кажам како надворешен соработник на ансамблот, дека тој како член на хорот, секогаш стоел на врвот од исполнителноста, со стопроцентна присутност при креирањето на моите хорски обработки, и се разбира, со максимална професионалност при изведбата на истите, за што сум неизмерно благодарен. Тоа ја покажува неговата голема посветеност и одговорност, како личност, кон музичката професија и трудот на композиторот. Даки освен што беше врвен пејач, беше и одличен автор, кој што беше присутен на сите музички фестивали во Македонија и со тоа активен фактор за оформување на музичкиот вкус на публиката”.
На овие врвни квалификации за професионалните капацитети на починатиот колега се надоврзаа и високите оценки на неговите човечките особини. За Далибор како другар и колега говореше неговата колешка од хорот на „Танец”, воедно и позната вокална солистка на етно групата „Монистра”, Габриела Новевска.
„Чест ми е што можев да работам со пејач како Далибор. Во текот на годините го запознав и како човек. Далибор беше искрен и ненаметлив пред сѐ. Не сакаше ни да пречи некому, ниту да му пречат. Најмногу од сѐ сакаше да пее, а немаше некој од нас од колегите кој не сакаше да го слуша. Далибор можеше сѐ да отпее. И лирска и викоечка песна. Гласот на Далибор можеше да биде мек како памук, но можеше да сруши и планина.”
Со заминувањето на Далибор Ѓошиќ, Танец и македонската народна музика изгув=бија многу. Тој почина на 10 октомври во Скопје, на возраст од 41 година, после кусо и тешко боледување. Својот професионален стаж го помина во НУ Танец, каде оствари бројни настапи, дома и надвор. Покрај изведбите на традиционални македонски песни, тој реализираше и бројни фестивалски настапи, со квалитетни новосоздадени фолклорни напеви, од кои голем дел беа негови авторски композиции. За само 16 години поминати во „Танец”, Ѓошиќ оствари 363 концертни настапи, во вкупно 23 држави во светот.
Фото: Танец