Една од осум жени во текот на својот живот ја добива дијагнозата рак на дојка – болест во чија „чест“ секој октомври светот се обединува низ разни кампањи за зголемување на свеста за предизвиците кои таа ги носи. Една од тие жени е и скопјанката Маја Трајковиќ, која авторски ја потпишува првата автобиографска книга во Македонија посветена на овој тип малигнинет.
Мудра, амбициозна и до болка искрена, оваа вљубеничка во пишаниот збор не случајно го одбрала насловот „Пресек“ за своето првенче, како доказ за пресекот кој во нејзиниот живот го направила болеста. Овој октомври, Трајковиќ ја раскажува својата животна приказна за читателите на ММС и доловува дека пишувањето исто така може да делува како терапија во тешките моменти.
Октомври е оној месец од годината кога најгласно се зборува за карциномот на дојка. Вие сте жена која била дијагностицирана со овој тип малигнитет, па кажете ни накратко – како ја дознавте дијагнозата? Како изгледаше Вашето лекување?
-Дијагнозата ја дознав на редовен преглед на ехо на дојка, но додека ги чекав резултатите дали станува збор за малигнитет или за бенигно заболување интуитивно знаев дека боледувам од тешка болест и пред да си ги дознаам резултатите веќе си го знаев злокобниот исход дека ќе се случи мастектомија на едната града. Моето лекување се состоеше од осум хемотерапии и сѐ уште сум онколошки пациент со редовни терапии кои ги примам, за да се намалат хормонските постоечки ризици. Кога ја дознав веста бев сама, не бев човек кој умее да се расплакува и кога сум сама, па камоли пред луѓе, но за првпат моите солзи беа видени пред луѓе, пред докторите кои ми ја соопштија веста. За неколку дена побарав повеќе мислења, сите се согласија дека треба да се отстрани едната града и за кратко време веќе бев во болничка постела со хируршка интервенција. Откако беше завршена операцијата спиев со најслаткиот сон во животот, се чувствував олеснато, бидејќи беше отсечен дел кој можеше да ме убие.
Кој или што ви беше „ветер во грб“ во процесот на исцелување, ако може така да се каже… На кој начин се справувавте во тешкотиите?
-Благодарност за убавите прашања кое ме потсетуваат на минатото кога единствената поддршка ми беа моите две деца и на ним им го должам моето исцелување, бидејќи во тој период додека ја поминував хируршката интервенција со мастектомија на едната града и осумте хемотерапии, поточно кога ја поминував освен физичката и психолошката трансформација на мојата свест единствените сведоци беа тие. Бев сама и морав да се грижам за нив не само како мајка, туку и како татко, бидејќи мојот сопруг работеше надвор од државата и токму таа грижа ми го одолговлекуваше вниманието дека ми се случува нешто лошо. Во мислите најважниот лек ми беа тие.
Бев меѓу смртта и животот и не смеев да дозволам моето семејство да биде заложник на мојата болест и морав да одлучам место него станбените кредити за откуп на станот во кој живеевме да бидат причината за отсуството на мојот сопруг во нашиот дом. Паметам дека кога ги имав тешкотиите со закрепнувањето од психо-физичките болки беа проследени со мачнини и чести повраќања и траеја неколку дни, најчесто ги спиев додека моите деца беа на училиште и откако се враќаа дома беа пречекувани со вкусни јадења, бидејќи се крепев додека ги правев. Не го губев мајчинскиот инстинкт. Ги лишив од моите страдања како што и сѐ уште не знаат дека ги посетувам онколошките ходници со моите терапии и дека правам контролни прегледи. Мојот избор беше тие да го продолжат своето детство и својата младост.
Жалам само за еден мачен момент кој го забележаа моите деца, бидејќи закрепнувањето со првите четири хемотерапии ми беше мачно и поголемиот син Михаил ми купи ѓеврек да јадам, мислам дека ми беа највкусни залаци поради неговата грижа кон мојата состојба, а помалиот син Симон миеше садови. Кога закрепнував по неколку дни од хемотерапиите се враќав на своите слатки ритуали како што беа: молитви, постови, истражувања поврзани со храна , физички тренинзи, книги и планини. Не ми недостигаа луѓе, си недостигав сама на себе, бидејќи не си обрнував внимание и се пронаоѓав себе.
Искуството со оваа болест го ставивте и на хартија, што резултатираше со Вашето авторско дело насловено „Пресек“. Дали знаевте од самиот почеток дека тие написи ќе завршат како цела книга, која беше идејата?
-Да, книгата беше напишана за два и пол месеци кога ги имав последните четири хемотерапии и ми беше наречена ,,Пресек”, бидејќи ме пресече и ме продолжи да живеам. Еден од докторите ме разубедуваше да не ја пишувам книгата додека сум емотивно ранлива, но јас бев упорна во својата намера, бидејќи сакав тие што ќе ја прочитаат да ги почувствуваат сите несакани емоции и чувства што ги имав јас, за да никогаш не ги преживеат моите премрежија. За разлика од многу онколошки пациенти кои својата болест ја доживуваа со споделување во разговори со пријатели или пријателки, семејство или фамилија јас ја доживеав како лична и не сакав да ја споделувам со никого, бидејќи сметав дека најважно беше соочувањето и преживувањето на духот и телото, тие се единствените кои ќе мораат да продолжат да живеат откако ќе ја поминат мојата минлива и тегобна промена. Ниту пречев некому, ниту ми пречеа во мојата преобразба.
Идејата ми беше книгата да ми е потсетник за моите тешки времиња, но и истовремено да е белег во општеството колку тоа може да влијае и колку човекот може да се одбрани од неговите лоши влијанија.
Колку пишувањето придонесе за зачувување на Вашето ментално здравје во деновите исполнети со предизвици?
-Пишувањето ми е единствената тврдина од која црпам инспирација да живеам. Од дете пишувам, така и продолжив, само канцерот ме предизвика да објавам книга. Поминаа најголемите предизвици кога ја изгубив косата, кога телото беше истоштено и духот ничкосан. За сите овие поминати моменти беше виновна мојата тага која ја носев поради несоодветниот однос кој го имав кон општеството во кое живеев. Сѐ уште живеам во истото општество, сѐ уште сум опкружена од сличните животни околности, но не сум повеќе истата јас. Поважна сум си од него, разбрав дека животот е чудо и како такво тоа се случува секој ден. Се каам што во него сите ги гледав како луѓе само себе не се гледав како човек!
Исто така низ пишувањето си простив на себе што го сторив најголемиот грев, се убивав себе со луѓе кои имаа злобни и подмолни мисли, се ранував себе со бескрајни погрешни избори. Ми беа прочитани светите книги, ми беа прочитани умни мислители, но не ми беше прочитано моето искуство, ете тоа требаше да го доживеам и да го посведочам колку нивните мудрости биле вистински. Пишувањето го продолжив со нови објавени книги, така и планирам да продолжам, оти ми ги заздравува бездните и ми ги лекува белезите од доживеаните трауми со канцерот, но и не ме замолчува пред сите нови предизвици кои општеството ми ги поставува како стапици, а мора да си признаеме дека не живееме во убави времиња и не нѝ се случуваат убавини.
Што е тоа што го опишувате во книгата, што сакавте да ѝ предочите на публиката? За кој сѐ е наменето ова четиво и што кажува публиката – какви емоции предизвикува оваа книга?
-Во книгата се претставувам како волчица, единственото животно со кое можам да се поистоветам. Таа поминува низ неколку земји и во нив ја осознава својата нездрава навика дека престанала да има контакт со животот, па тогаш како тој да не ја отпише од него! На публиката сакам да ѝ ја предочам својата ранливост и искреност и дека и тие треба да изградат искрени односи доколку сакаат да бидат здрави и среќни луѓе. Сакам да им кажам да не ги сокриваат мислите и чувствата, бидејќи истите тие предизвикуваат несоници како што мене ми се случуваа. Морам да си признаам и покрај тешките терапии кои ги примам моментално јас спијам со спокојство, бидејќи имам посмирен дух и присутна ми е душата која талкаше низ сите опишани земји во книгата. За сите е наменето ова четиво како освестување, камо јас да ги знаев подоцнежните промени што ми се случија немаше да ми се случи канцер. Книгата е наменета и за жени и за мажи, иако главен лик е женски лик.
Каков беше интересот на издавачките куќи за да издадат едно вакво дело кое се чини, е единствено од ваков тип во Македонија? Беше ли предизвик да се дојде до крајниот производ?
-Го понудив лекторирано своето дело на една позната и афирмирана издавачка куќа и бев одбиена со образложение дека не биле заинтересирани за автобиографија поврзана со канцерот на дојка, а истата таа издавачка куќа издаде автобиографии напишани од странски автори, од балкански простори, но исто така воочив дека се присутни предрасудите дека ако бев јавна личност во нашата држава тогаш ќе беше издадена и ќе беше испромовирана мојата книга, но како анонимна личност не сум значајна. Не ми беше јасна ваквата поделба, бидејќи пораката дали е од јавна или од анонимна личност е иста, сите сме жени и сите имаме заеднички непријател-канцерот.
Да, беше предизвик да се издаде мојата книга, бидејќи беше поврзана со материјална подршка која ја немав и морав да ја издвојам од сопствен семеен буџет кој е отежнат поради многубројните издатоци кои го сочувуваат мојот имунитет. Мојот сопруг ми помогна во материјалната поддршка, бидејќи знаеше дека таа ми е важна во мојот психолошки развој. Инаку беа испечатени 200 примероци, од кои 60 примероци беа веќе донирани на жени кои се од социјалните ранливи категории. Една промоција на книгата направив во Културно Информативен Центар-КИЦ-Скопје благодарение на Емилија Михајлова од истата институција и промоторите: писателката Лилјана Пандева и актерот Благоја Чоревски, но бидејќи имаше огромен интерес следната промоција ќе ми биде во Порта,,Македонија’’ на 26.10.2023 година 19.00 часот благодарение на директорката: Даниела Николова од НУ Музеј на македонската борба за самостојност и директорката на Институтот за македонски јазик ,, Крсте Мисирков” д-р Елена Јованова- Грујовска. Бескрајно на сите им благодарам за поддршката, како и на мојата пријателка, како мене онколошки пациент Наташа Бабулова-Ангелеска.
Каква порака за охрабрување би испратиле до жените кои можеби неодамна добиле ваква дијагноза?
-Додека се лечат, а и по нивните лекувања да бидат опколени со убавини и да се дружат доколку сакаат со убави луѓе ако наоѓаат спас во нив, но доколку сакаат да се осамат нека се осамат, така наоѓаат мир во себе. Сметам дека и двете можности се убави и се од исклучително животно значење. Да се прогласат за живи битија, бидејќи така ќе се спасат од онколошката бирократија која ги обременува и ги отежнува нивните животи. Да дишат и да живеат според своите потреби, битна е средината во која се наоѓаат и кога таа ќе им предизвика стресови да стават розови очила на себе, бидејќи се поврзани со розовата октомвриска панделка.
Да останат жени, иако женственоста е кревка и им возвратила со пресечено деколте. Како охрабрување би ги советувала жените кои можат да го обноват деколтето да стават имплант кој државното здравство го финансира ако сакаат да ја немаат психолошката празнина, но доколку се чувствуваат самоуверени нека останат такви какви што се. Задолжителни се психолошките промени кои мораат да бидат сторени, за да не ги препознае канцерот и да не ги убие. Штом животот ги обележал како негови жртви нека престанат да бидат негови заложници и да започнат да ја слушаат својата душа.
Кој е Вашиот апел до надлежните власти?
-Веќе седум години сум онколошки пациент и за сиве овие седум години апелирав до повеќе министри за здравство дека понудените здравствени услуги не се соодветни кон нас онколошките пациенти. Немаат слух за нашите потешкотии со кои се соочуваме како што се: немаме термини, соодветни прегледи, соодветни трансформирани работни ангажмани како во државниот така и во приватниот сектор, но и правните нормативи дека не можат сите жени кои имаат инвалидитет да земаат месечни надоместоци од здравствениот пензиски фонд.
Надлежните власти велат дека мора да имаме редовни контролни прегледи, а од друга страна не нѝ ги овозможуваат. Јавна тајна е дека одредени здравствени институции не нѝ закажуваат термини, а од друга страна ако ги побараме на нивните фиксни телефонски броеви нагласувам со државни апарати нѝ ги овозможуваат прегледите за ехо и мамографија на дојка и ги наплаќаат како да се приватни здравствени ординации. Месецот на канцер на дојка не е розов, туку е зацрнет, бидејќи општеството и покрај нашите лични битки, битките на нашите семејства и сите овие предизвикани отежнати животни околности не нѝ ги олеснуваат нашите потреби.
Може сè ако се направи подобра организација. Не можам да разберам како функционираше здравството без термини во минатите времиња и како ние успевавме да се лечиме. Исто така постојат многубројни донации за квалитетни апарати во државното здравство кои не нѝ стојат на располагање и ние пациентите си ги дознаваме кога ќе бидат прегледани пациентките кои се поврзани со медицинскиот кадар. Но, и покрај властите потребни се напори и од онколошките здруженија и од нас онколошките пациенти, бидејќи ако продолжиме да ги премолчуваме недостатоците ќе се соочиме со непотребни стресни животни околности.
Вања Мицевска