Претседателот на грчката опозициска СИРИЗА Стефанос Каселакис денеска во САД ќе стапи во брак со својот партнер, како што самиот соопштил вчера за време на состанокот на политичкиот секретаријат на партијата, јави дописничката на МИА од Атина.
Со оглед на тоа дека во Грција не е легализиран бракот на истополови парови, Каселакис и неговиот партнер Тејлор Макбет ќе склучат цивилен брак во САД, каде што и живееја пред новиот лидер на СИРИЗА да ја достави кандидатурата за претседател на најголемата грчка опозициска партија.
Портпаролката на СИРИЗА Дора Авгери, говорејќи за телевизијата Опен, откри дека денешната церемонија ќе биде во кругот на семејството со еден сведок, а на лето Стефанос и Тајлер ќе направат прослава во Грција.
Авгери се осврна и на важноста и во Грција да се легализираат истополовите бракови, повикувајќи го грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис да го направи следниот чекор во оваа насока.
-Многу е важно во 2023 година и како одминува времето да им се даде еднаква можност на луѓето да ги вкусат среќата и радоста онака како што тие сакаат. Без стереотипи и општествени принуди, рече портпаролката на СИРИЗА.
Каселакис отворено говори за неговата сексуална ориентација, нешто што го спомена и во видеото кога ја објави кандидатурата за претседател на СИРИЗА, додека пак неговиот партнер Тајлер е постојано со него.