Државната комисија за спречување корупција (ДКСК) на денешната седница донесе одлука да поднесе иницијатива за кривично гонење до Основното јавно обвинителство и иницијатива до Владата за разрешување на директорот на Државниот инспекторат за градежништво Фатмир Арифи, бидејќи констатираа дека тој пред Комисијата не го оправдал начинот на кој се стекнал со имот во изминатиот период.
Како што информираа членовите на комисијата, станува збор за стан во Чаир, стан во Железара и моторно возило во вредност од 18.000 евра.
-По анализата наподатоците од соодветните институции забележани се разлики во податоците внесени во анкетниот лист и податоците добиени од Агенцијата за катастар и недвижности во делот на недвижниот имот, податоците од МВР во делот за моторни возила и Централниот регистар и тоа не е пријавен стан во сопственост на Фатмир Арифи во Чаир, не е пријавен стан во Железара, не е пријавен Форд кој го купил во 2021 година по цена од 18 000 евра. Со цел да се утврди фактичката постапка, ДКСК го повика лицето на разговор, во разговорот беше побарано да се произнесе во врска со констатираните разлики во податоците до анкетниот лист и надлежните институци. Тој одговори дека се занимава со продажба на автомобили и дека едниот стан го стекнал со размена на автомобил со стан и тврдење дека за тоа има договор заверен на нотар. Од увидот во податоците во банките и другите финансиски институци во нашата држава за именуваниот и неговите членови од семејството со кое живее произлегува дека именуваниот освен редовните примања по основ на плата не остварува дополнителни приходи, а имајќи предвид дека истиот не достави докази за основот и потеклото на средставата за стекнување на становите и возилото не се докажа дека наведениот имот е стекнат како резултат на примања кои се пријавени и оданочени, информира Билјана Ивановска претседателка на ДКСК.
Членовите на комисијата утврдија основ за сомневање за сторено кривично дело од Кривичниот законик
-Ако во постапката за испитување на имотот и имотната состојба не се докаже дека имотот е стекнат и зголемен како резултат на примања што се пријавени против лицето за кое се водело таа постапка поднесуваме иницијатива за покренување кривична пријава до Основното јавно обвинителство, исто така и до органот кој го именувал на функцијата директор, односно до Владата на РСМ предлагам да се достави иницијатива за одговорност и разрешување, бидејќи како директор на Државен инспекторат за градежништо да стекнува имот по пат на бесправно изградени објекти не е во ред, истакна Ивановска.
Антикорупционерите дискутираа и за предмети кои се однесуваа на извршувањето на надлежностите на општините во делот на инспекцискиот надзор за што дел од членовите се согласија дека нема видливи напори од градоначалниците за справување со дивоградбите.
-Само за потсетување, некаде во 2018 година била доставена пријава за некаква градба, на прашањето до градоначалникот на Чаир за каква градба се работи не добивме одговор ни првиот ни вториот и ни третиот пат и дури при крајот на 2022 година одговори дека на местото пријавено од граѓаните веќе постои објект и дека има постапка за негова легализација, тогаш разговаравме за покреавање инцијатива за кривично гонење токму поради непостапување на градоначалникот, очигледно е дека се чекало неколку години објектот да биде завршен и тој да си поднесе барање за легализација, посочи еден од членовите.
Нури Бајрами додаде дека имало сличен случај и во Општина Гази Баба каде Комисијата реферирала и таму имало иницијатива за кривично гонење, нон емало одговорност.
– Градоначалникот знаел цело време, градежен инспекторот постапил, реферирале пред советот, чекале да се менува деталниот урбанистички план и дал одобрение за градење кога објектот очигледно веќе бил завршен и тука е контроверзијата, градоначалниците се кријат зад инспекторите. Значи инспекторите се само вработени, во законот е лошо пресликано дека овластениот градежен иснспектор е тој кој ќе врши надзор тој што ќе донесува управни акти и сам да ги изврши. Секогаш според Законот за работни односи, Законот за административни службеници и Законот за вработените во јавниот сектор градоначалникот е прв и последен одговорен за сето тоа што му се случува во општината не може да се крие кога сака зад инспекторот. Еве некој нека посочи барем еден пример дека некој градоначалник спречил диво градење без оглед кој гради, истакна Бајрами.
Ивановска рече дека поради тоа што се пронајдени слабости во работењето, овој сегмент е ставен во Статегијата како посебен сектор.