Италијанскиот суд го прогласи за виновен познатиот италијански новинар Роберто Савијано откако во телевизиско интервју ја опцул премиерката Џорџија Мелони.
Савијано во интервјуто од декември 2020 година, во време кога Мелони била во изборна кампања, го критикувал нејзиниот став за миграцијата. Мелони коментирајќи ги хуманитарните бродови за спасување мигранти, рече дека треба да бидат потонати.
Судот на новинарот Савијано му изрече парична казна од 1000 евра, но казната е условна само ако го повтори прекршокот. Сепак, активистите рекоа дека пресудата испратила „застрашувачка порака“ за слободата на печатот.
БиБиСи јави дека и Здружението на писателите Pen International ја повика премиерката да се откаже од случајот, но Мелони рече дека не гледа причина за тоа, додавајќи дека одлучуваат судиите.
Здружението рече дека пресудата е „алармантно назадување за слободата на говорот“ и испрати „опасно предупредување до писателите и новинарите низ целата земја“.
Според италијанскиот закон, некои случаи на клевета може да бидат кривични и да носат затворска казна до три години затвор.
Џорџија Мелони (46) која е првата жена премиер во историјата на Италија што ја предводи најдесничарската влада од Втората светска војна, има повеќе предмети пред италијанското правосудство за клевета и навреда. Меѓу овие предмети има и неколку за новинари.