На денешната владина седница, донесена е измена на Одлуката за определување на добрата и услугите кои подлежат на повластена стапка на данокот на додадена вредност, а која беше усвоена на 28 септември 2023 година со која се допрецизираат неколку тарифни броеви кои во пракса создадоа дилема во примената на повластената стапка од 5%, поради поголемиот број на производи по ист тарифен број.
Со оваа измена, урдата, замрзнатото тесто, црвениот бибер и црвениот пипер, бебешките каши, адаптирано млеко за доенчиња, додатоци за исхрана за опаднат имунитет, хербалните чаеви, наполитанките и вафлите, растителниот кашкавал, останати одредени видови кашкавали, лутеница и конзервирано цвекло и феферони, се производи коишто ќе се оданочуваат со повластена стапка на ДДВ од 5%.
Измените кои Владата ги усвои на денешната седница ќе се применуваат од 13.10.2023.
Министерството за финансии и Владата во креирањето на политиките и нивната примена се во постојана комуникација со бизнис заедницата и отворени се за сугестии и предлози.