Не ме радува што како поранешен член на мојата партија сега слушам дека Димитриевски се служи со десничарски ставови, вели вицепремиерот Фатмир Битиќи за денешните излагања на градоначалникот на Куманово во најновото издание на емисијата “ Стадион “ на Канал 77.
- Во неговите интервјуа и изјави за медиуми, за жал препознавам термини и формулации кои првенствено можат да се слушнат од политичари кои се нескриени десничари во своите уверувања и вредносни позиции. Повремено се прашувам како со господинот Димитриевски сме биле сопартијци и на прашањето се обидувам да поставам контрапрашање, да не беше тој маскиран социјалдемократ, вели вицепремиерот Битиќи.
Се прашува како еден социјалдемократ во Коридорот 8 гледа оцртување на Голема Илирида, зошто низ Коридорот 8 не зборува за придобивки кои ќе ги добијат граѓаните, прашува Битиќи.
- Вистински социјалдемократ нема причина да не сака, да не се бори преку развојот на инфраструктурата да се создаваат подеднакви можности за граѓаните кои живеат и во Куманово но и оние во Струга и Охрид, вели Битиќи.
Во однос на Коридорот 8 и Илирида, градоначалникот Димитриевски потенцира дека тоа не е нешто што тој го исцртал, Владата е таа што ја исцрта Голема Илирида.
- Голема Илирида не е проектот Коридорот 8. Коридорот 8 е голем грабеж, историска грабеж на македонскиот народ. Ние имаме веќе Коридор 8, завршува на границата со Косово, автопатот е изграден до пола Албанија, значи само треба да се конектирате од Скопје до граница со Косово, а паралелно поставивте нов коридор, истакнува Димитриевски.
Додава дела целта е да се презадолжи државата а профит да има за сите инволвирани во проектот.
- Се задолжува господинот Артан Груби да го води проектот, при жив министер за транспорт и врски, срамота е и погубно е. На крајот на краиштата доаѓаат лобисти дури од Америка да не убедуваат за нешто. Немојте да ми кажувате што е добро за мојата држава, категоричен е Димитриевски.
Повеќе на линкот подолу, во најновото издание на емисијата “ Стадион “ на Канал 77.