Иранката Наргес Мохамади (51) е добитничка на Нобеловата награда за мир за 2023 година. Како што е наведено од Комитетот, таа ја добила наградата за борба против угнетувањето на жените во Иран и нејзините напори да ги промовира човековите права и слободата за сите, пренесува данас.рс.
Во образложението на наградата се наведува дека храбрата борба на Наргес Мохамади имала „огромна лична цена“.
„Севкупно, иранскиот режим ја апсеше 13 пати, ја осуди пет пати, со вкупно 31 година затвор“, рече Берит Рајс-Андерсен, шеф на Норвешкиот Нобелови комитет во Осло.
Наргес Мохамади „се уште е во затвор додека зборувам“, додава таа.
Наргес Мохамади е ирански активист и заменик-шеф на Центарот за бранители на човекови права, основан од нобеловката Ширин Ебади.
Мохамади беше апсена повеќе пати од 1998 година и моментално се наоѓа во озлогласениот затвор Евин во Техеран поради „ширење пропаганда“.
Оваа година таа беше вклучена и на листата на 100 инспиративни и влијателни жени на Би-Би-Си од целиот свет.
Во мај 2016 година, таа беше осудена во Техеран на 16 години затвор за основање и водење на „движење за човекови права што се залагаше за укинување на смртната казна“.
Во 2021 година, Мохамади беше повторно уапсена во Карај, провинцијата Алборз, додека присуствуваше на меморијалот за Ебрахим Кетабдар, кој беше убиен од иранските безбедносни сили за време на националните протести во ноември 2019 година.
Во декември минатата година, за време на протестите предизвикани од убиството на Махса Амини во притвор, Наргес Мохамади во извештајот објавен од Би-Би-Си детално го опиша сексуалното и физичкото малтретирање на притворените жени.
Во јануари оваа година, таа објави шокантен извештај од затворот во кој детално ги опишува условите на жените во затворот Евин, вклучително и список од 58 затвореници и процесот на испрашување и тортура низ кој поминале. Од овие жени, 57 поминале вкупно 8.350 дена во самица. 56 од нив се осудени на вкупно 3300 месеци затвор.