Пред да влезете во банка, направете споредба на надоместоците за платежните услуги кај овие институции. Оваа можност за прв пат е пред македонските граѓани преку веб – страницата на Народната банка и алатката „Споредба на надоместоците помеѓу давателите на платежните услуги”. Прегледот се однесува на вкупно 13 банки.
Преку оваа алатка Централната банка дава можност да се видат податоците по поединечна банка за видот и висината на надоместоците што ги пресметуваат и наплаќаат за секоја од услугите што се определени како најрепрезентативни за потрошувачите.
Користењето на алатката е прилично едноставна, преку пристапувањето на копчето „Според давателите на платежни услуги“, каде може да се селектираат одделни банки, по што излегува преглед на провизиите за секоја одделна услуга. Може да се провери надоместокот за одржување на платежна сметка, Користење мобилна апликација, трансфер на пари дома и во странство, издавање и користење на картички и слично.
Од површен преглед може да се види дека некои банки се одлучиле да не наплаќаат одредени услуги, но има и такви, кои секое посегање по сопствените пари, иако немаат физички пристап до банката, го плаќаат.
Објавувајќи ја алатката, Народна банка соопшти дека овој потег е во функција на зголемената транспарентност и споредливост на услугите.
-Со обврската за примена на стандардизирани термини и опфат за најрепрезентативните, односно најчесто користените платежни услуги од страна на банките и нивно редовно доставување до Народната банка за објавување, ќе им се овозможи на граѓаните брзо и лесно да ги споредат понудите и надоместоците за услугите поврзани со платежните сметки, соопшти Народна банка.
Поголема транспарентност и информираност произлегува од Законот за платежни услуги и платни системи. Банките имаат обврска податоците да ги ажурираат при секоја промена на надоместоците.