Ги сакаме мечките, но повеќе ги сакаме луѓето, рече директорот на ЦУК, Стојанче Ангеловски на денешната прес конференција, на која тема беше спас на жителите на општината Маврово-Ростуше од мечките.
Оваа состојба за жителите од овој регион веќе е алармантна, бидејќи тие се присутни насекаде околу нив и им прават проблеми, а и се плашат.
-Мечките барајќи храна има влегуваат дома, им јадат храна и ги плашат. Ова навистина веќе е алармантно и жителите на Маврово-Ростуше бараат да се прогласи вонредна состојба. Го посетивме селото Жировница, се пожалија дека во Националниот парк е зголемено присуството на кафеавата мечка, која од 1996 година е забранета за лов. Глобалното затоплување прiдонесе тие да не спијат зимски сон, туку да бараат храна и преку зима. Освен тоа секоја мечка со себе има по три мечиња, така да бројот на мечки е двојно повеќе, а во некои од селата појавата на мечки е загрижувачка, вели Ангеловски и додаде:
-Децата одат на училиште и ова е навистина сериозен проблем. За среќа никој до сега не е повреден. Има случаи кога мечки им влегле дома и за среќа со помош на соседите успеале да ги избркаат. Овде во Скопје изгледа сосема поинаку, но во очите на жителите на Жировница не е така, тие се исплашени, секојдневно им се шетаат.
Ги напаѓаат и уништуваат пчелите, а убиваат и овци, кози и крави. Еден од селаните вели дека поради сушната година нема овошје и затоа мечките доаѓаат во селото. Во Требиште учат 45 ученици, кои сами одат и се враќаат на училиште. Родителите се исплашени и не ги пуштаат децата. Во џеповите носат петарди за да ги исплашат. За среќа досега нема повреден, но прашање на време е кога, рече тој.
Ангеловски рече дека бараат да се прогласи вонредна состојба и од тие причини во понеделник е закажана седница за да се види дали треба да се прогласи вонредна состојба, бидејќи не е само општината Маврово и Ростуше, туку и други места имаат ваков проблем.
-Овие животни се заштитени и нив ги регулира Законот за ловство, кој предвидел дека МЗШВ може да дозволи лов на заштитен дивеч ако прави штета, по претходна дозвола на МЖСПП. Сличен член постои и во Закон за заштита на природата. Отстрелувањето на мечките е најнеблагородната работа, но животот и здравјето на граѓаните се на прво место, вели Ангеловски .