И по половина година, „габаритното“ покачување на платите на функционерите не престанува да ја бранува јавноста. Во услови на инфлација и калкулации за тоа како да се преживее месецот, нивните зголемени плати им ја прелија чашата на синдикатите.
Зголемување на платите за 78 проценти исто како на функционерите, но и враќање на додатоците на плата. Вакви барања до властите испорачаа синдикалци од целата држава на два паралелни марша во главниот град.
Независниот синдикат на судска администрација и Синдикатот на затворска полиција и администрација вчера протестираа од Основниот кривичен суд до Министерството за финансии. Членовите на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ) од судската администрација пак, се собраа пред Собранието, па застанувајќи и пред Министерството за правда се упатија кон Владата.
Нивниот револт би можел да резултира со штрајк во судовите, а сценариото би било слично како во 2002 и 2016 година кога вработените од судските служби штрајкуваа 80 односно 60 дена. Неисполнувањето на нивните барања би значело парализа на целиот правосуден систем во Македонија, зашто во меѓувреме со штрајк отпочнаа вработените во јавните обвинителства, а вакви најави пристигнаа и од вработените во државното правобранителство.
„Ако може за нив, може и за нас“ – Синдикалците бараат повисоки плати
Се пожалија дека со зголемувањето од 10 отсто кое почнува со платата за овој месец, просечната плата на судската администрација ќе биде околу 24.000 денари, додека дел од вработените во судовите земаат, како што велат, огромни плати. Со тоа, платите веќе се во размер 1:6 или 1:7.
„Работата во судовите е тимска. Доколку еден вработен не си ја заврши работата судијата нема да може да донесе пресуда. Идната недела и колегите од државното правобранителство најавија штрајк. Колегите од обвинителствата вчера започнаа штрајк. Ако колегите од судовите, луѓето што се тука и тие започнат штрајк ќе се парализира целото правосудство. Мора да се разбере дека не може да се живее и не е фер еден во судовите да зема огромна плата, а нашите плати во однос на нивните да бидат во размер 1:6 до 1:7“, порача првиот човек на Синдикатот на УПОЗ, Трпе Деаноски.
Тој апелираше Собранието да работи на исполнување на нивните барања, а додека тоа да се случи, поради штрајкот во Обвинителство, сега се работат само предметите кои се итни и неодложни. Се работи само на оние предмети во кои има жалби и каде што треба да се испочитуваат рокови, но не и останатото.
„Имаме амандман со којшто бараме за сите вработени да се преиспита одлуката за прераспределба на средства во Буџетот да добијат по 78 отсто и да се вратат додатоците. Се уште не е на Комисија за финансирање и буџетот, гледаме секој ден дали ќе ја стават на дневен ред, меѓутоа ако тоа не се измени мислам дека ја знаеме пораката од овие луѓе“, истакна Деаноски.
Пресметките говорат дека дури и со зголемување од 78 проценти, платата на вработените нема да ја надмине просечната, туку само ќе се доближи до неа. И покрај ова, сметаат дека таквото покачување ќе значи подостоинствен живот за оние без кои судството нема да може да функционира. Овој апел до пратениците го упати и претседателот на Сојузот на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов.
„Достоинствено се живее со 78 проценти зголемена плата, меѓутоа пратениците сакаат така само за себе, а за нас не. Денеска дојдовме да ги земаме нивните плати, дојдовме по 78 проценти. Ако може за нив, може и за нас. Денеска сме тука да упатиме порака дека без нас не може да функционира судството, дека судиите сами не може да ја завршат работата, дека ќе бидеме повторно на улица“, рече Трендафилов.
Во своето обраќање тој порача дека две третини од вработените добиваат плата блиску до минималната, а таквата сума е срам за пратениците.
Да се почитува одлуката на Судскиот совет – бара Независниот синдикат на судската администрација
Истите пораки пристигнаа и од Независниот синдикат на судската администација од каде побараа зголемување за 78 проценти и враќање на додатоците на плата од 35 отсто кои како што тврдат, Министерството за финансии ги одбива занемарувајќи ја одлуката на Судскиот совет за исплата на додатоците.
„Министерството за финансии ги пренамени парите предвидени за исплата на додатоци, иако според Законот за судски буџет е предвидено дека заради функционирање на судската власт се утврдува износ во најмалку од 0,8 отсто од БДП“, прецизираше претседателката на независниот синдикат на судската служба, Јасмина Величкова.
„Овие 0,8 отсто веќе година и пол не се слеваат во правосудството, а власта ги присвоила, односно ги пренаменила на Министерството за транспорт и врски или некои други минисетрства, што значи целото судство е оштетено. Само од Граѓански суд оваа година во буџетот се влеале 3 милиони и 740 илјади евра, тоа се огромни финансии кои од судството се влеваат во буџетот на земјава. Очекуваме да излезе министерот за финансии, да најде слух за нашите барања и да го реши нашиот проблем“, рече Величкова за време на вчерашниот марш.
Дека разликата во платите е енормна потврди и претседателот на Синдикалната организација Правосудство во Основниот кривичен суд Скопје, Драган Јосевски. Според него, по последното покачување на платите направена е разлика еден спрема шест.
„Платите се зголемија само на едната страна тоа е функционерскиот дел, кај нас тоа се судиите, се направи разлика од еден спрема шест. Никој човек, колку и да е компетентен и да има знаење, не вреди за шест луѓе“, истакна тој.
Каков ќе биде идниот начин на делување сѐ уште останува неизвесно, а членовите на Синдикатот на УПОЗ дополнително ќе соопштат дали ќе штрајкуваат или ќе излегуваат пред судовите. Нивните проблеми и барања беа тема на средбата со министерот за правда Кренар Лога.
Од Министерството потоа во соопштение посочија дека ќе достават Информација до Владата, во соработка со Министерството за финансии да се разгледа можноста од отпочнување на процес на преговори со Синдикатот на УПОЗ со цел да се најде заедничко решение и да не се закочи процесот со движење на предмети во судовите и Јавните обвинителства.
Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски сепак вели дека вработените во јавните обвинителства се дел од правосудната фела, така што делот на управување не е во надлежност на Владата. Но, тој тврди дека во рамки на она што е можно со Буџетот, Владата ќе излезе во пресрет на сите делови од управувањето со државата, со цел тие да имаат соодветни буџети.
„За распределувањето на буџетот, ако на некои обвинители им се зголемени платите, а на други не, тоа е одлука која се носи од правосудната власт, не се носи во делот на државата. Меѓутоа, 10 проценти зголемување на платите ќе има и дополнително 10.000 денари К-15“, соопшти Ковачевски.
Вања Мицевска