На денешната седница за пратенички прашања во Собранието, во моментот кога пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Дафина Стојаноска ја критикуваше министерката за труд и социјална политика Јованка Тренчевска, изби скандал. Стојаноска го обвини вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ дека и’ намигнува од салата и и’ праќа бакнежи. Ваквото негово однесување пратеничката го нарече „скандал од невидени размери“, а нему му кажа дека е „лигав“.
– Како не ви е срам, нека ве снимат камери, вицепремиер за европски прашања, ужас сте. Нека ве сликаат како праќате бакнежи, лигав еден, како не ви е срам, мене ќе ми праќате бакнежи. Јас ова не го дозволувам. Ужас, ужас, ова е скандал од невидени размери. Вака може да се однесувате само дома, бакнежи и намигнување само дома, вицепремиеру. Срам и резил сте!, кажа од говорницата Стојаноска.
Остатокот во преносот не можеше да се слушне, бидејќи пратеничката остана без микрофон. Во нејзина одбрана излегоа нејзините колешки пратенички.
Потпретседателот Горан Мисовски тргна да ја смирува ситуацијата
–Седнете си, нема потреба од нервоза. Искрено, Дафина можеш да реагираш колку сакаш, јас се согласувам со тоа на министерката Тренчовска што го кажа, кажа Мисовски.
Но, на ова уште толку реагираа Стојаноска и колешките кои тргнаа кон Мисовски. Побараа да се вклучи микрофонот на Стојаноска. Тогаш таа му се обрати и на Мисовски, од кого, како што рече, очекувала да го одржи протоколарниот ред на седницата. Побара да ги опомене министрите за недолично однесување.
Стојановска и уште неколку пратенички дојдоа до Мисовски и бурно реагираа, по што тој и дозволи на Дафина Стојановска да зборува повторно.
– На што личи ваквото несоодветно однесување на вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ?! И моите колеги многу добро видоа што правеше Маричиќ. Мојот колега Никола Мицевски неодамна беше обвинет дека нападнал пратеничка, а што беше сега ова што го стори вицепремиерот? Вие зад мене многу добро гледавте што прави вицепремиерот додека зборував. Вие не сте тука да се согласувате со одговорите на министрите, туку да ја водите седницата, реагираше пратеничката од ВМРО ДПМНЕ.
Стојаноска побара од министерката како претседателка на Форумот на жени во СДСМ да застанете зад неа, како жена пратеничка.
По продолжението на седницата, премиерот Димитар Ковачевски рече дека ќе излезат со демант како Влада, на што Стојаноска излезе заедно со своите сопартијци со барање за оставка на вицепремиерот Маричиќ. Застанати на говорницата, одбиваат да ја напуштат, по што им беше исклучен микрофонот, но, и покрај тоа, одбиваат да заминат на место.
Потпретседателот Мисовски се закани дека ќе ја прекине седницата, по што повторно даде 15 минути пауза.