Министерот за здравство Фатмир Меџити иницираше Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) да изврши вонреден инспекциски надзор во Клиничка болница – Битола, каде почина 24-годишно момче.
– По утврдување на фактичката состојба и изготвување на извештајот од страна на ДСЗИ, јавноста навремено ќе биде информирана, соопшти Министерството за здравство.
Медиумите информираа дека вработените во Клиничката болница во Битола изјавиле дека момчето било примено со многу висока температура, по што веднаш било згрижено на одделот за интензивна нега и дека неговата состојба од час во час се влошувала, па по речиси десет часа од хоспитализацијата починало.
С.Т. починал од тежок инфект, како што покажала обдукцијата во која се наведува и дека немало лекарска грешка.
– Наодот од обдукцијата покажал дека причината за смртта кај младиот пациент е ДИК или десеминирана интраваскуларна коагулација. Тоа е брзо трошење на факторите на згрутчување на крвта и доведува до неконтролирано крварење на многу органи и системи во организмот, а резултира со прогресивно создавање тромбози и микротромбози кај сите органи – изјави д-р Елизабета Ивановска, директорка на Битолската болница.