Видливо поставена ознака „гарантирана цена“ ќе бидат поставени на производите, кои со одлука на Владата од среда ќе се продаваат по замрзната цена на ниво од 1 август. Министерот за економија Крешник Бектеши најави дека секој потрошувач кога ќе оди во супермаркет ќе има можност да види ознака за гарантирана цена и дополнително ќе се знае дека цените со таа ознака нема да може да се зголемуваат до 30 ноември.
-Завршена е листата на производи, кои трговците на големо и мало од среда ќе ги намалат цените, што ќе биде следено со засилени контроли и надзор. Упатувам повик до сите во трговијата и производството, сите производи кои нема да бидат утре на листа на намалени цени, да се пријават и да ја користат ознаката „гарантирана цена“, со цел да се зголеми опсегот на производи, рече Бектеши.
Министерот не прецизираше кои производи ќе се најдат на владината листа.
-Тоа се сите прехранбени производи од пекарска, месна, млечна индустрија, вид на наполитканки, генерално листа од Заводот за статистика, согласно листата за утврдување на инфлацијата и нивната листа кои производи повеќе се трошат, објасни Бектеши.
Тој за денеска најави средба и со производителите и дистрибутерите на пијалаци, од кои очекува позитивен одговор за намалување на цените.
-Убеден сум дека ќе има значително намалување на цените, кажа Бектеши.
Владата утре ќе донесе дополнета одлука од тоа што беше соопштено минатата недела и акциските продажби на храна ќе бидат дозволени. Бектеши објасни дека се инсистира акциите да не се однесуваат на производи чиј рок завршува за два дена, како што тоа беше случај до сега.