Зад затворени врати работи собраниската Комисија за надзор над работата на Агенцијата за национална безбедност и на Агенцијата за разузнавање. Комисијата одлучи да ја затвори за јавност седницата, на која се разгледува информацијата за софистицираните системи Пегасус и Предатор. Комисијата детално ќе разгледува информации за нивното производство, продажба, користење и можни злоупотреби.
Повеќе информации за јавноста се најавени по завршување на седницата.
Заседанието е на иницијатива на пратеникот Павле Трајанов од Демократскиот сојуз, кој побара одговори од Агенцијата за национална безбедност, Агенцијата за разузнавање, МВР, военото разузнавање и други институции. Институциите имаа рок податоците кои ги имаат да ги достават до Комисијата за надзор најдоцна до 18 август.
Конкретно, кои фирми се вклучени во производството и продажбата на системите, дали нашите служби ги користат и поседуваат, дали вакви системи поседуваат поединци, компании, политички партии и други субјекти.
Пратеникот од ВМРО ДПМНЕ Драган Ковачки рече дека по ставањето на фирмата која го произвела софтверот за шпионскиот софтвер на црната листа, САД и кажуваат на земјава дека тоа претставува закана за националната безбедност, меѓутоа ЈО на РМ се произнесува за ненадлежно.
-Практично, за некои странски држави производството на овој софтвер во нашата држава е закана за националната безбедност, а за нас очигледно дека нашите институции сметаат дека тоа не е, изјави тогаш Ковачки.