„Да бидам и поекплицитен – на едно неформално ниво пред 7-8 месеци некои актери од политичката сцена ме консултираа околу таа можност (н.з. помилување на Груевски), што мислам за таа можност, и реков децидно дека тоа не би го направил никогаш, бидејќи тоа би било рушење на правната држава.Таков тип на милосрдие стои во Уставот, но не мислам дека сум султан или монарх во оваа држава. За такви кривична дејанија самиот да пресудувам и да решавам што е право, а што не е. Има судски постапки“.
Ова е изјавата на претседателот Стево Пендаровски во емисијата „Трилинг“, по што албанските партии прстот го вперија во лидерот на ДУИ Али Ахмети, како посредник во преговорите.
За ова Ахмети индиректно беше прашан во интервјуто за ТВ 21.
„Дали ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски или Сашо Мијалков се согласија со измените на Кривичниот законик?“, беше прашањето од новинарот.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, одговарајќи на ова прашање, негираше дека со последните измени ќе бидат амнестирани овие лица на кои им се суди за некои кривични дела во случаите на Специјалното обвинителство.
„И јас ги слушам овие легенди. Не знам каде се готват и зошто се готват овие легенди… За промените се разговараше пред три години… Нема што повеќе да се разговара бидејќи за нив се зборуваше“, одговори Ахмети.
Од СДСМ, коментираа дека „не постои пазар за било каква амнестија“.
„Јавноста многу добро знае, имало случаи кога сме преговарале со ДПМНЕ, на пример за законот за ЈО и за други закони каде што требале да направат некаков компромис, секогаш, буквално секогаш тие отворале судски случаи кои што сакале да се дискутираат. Ние тоа немаме прифатено и нема да прифатиме ниту во иднина. Затоа и не успеавме да се договориме со ДПМНЕ во 2020 година, затоа што доаѓаа на преговорите со судски предмети но ние не прифаќаме. Нема пазар за било каква амнестија, ниту пак со било кого пазар околу правдата и судските случаи“, изјавија од СДСМ.
Ахмети, сепак во интервјуто вели дека е сигурен дека седница за уставните промени ќе има.
„Подготвени сме, трчаме и ќе ги надминеме сите потешкотии… Заврши расправата за уставните измени и ќе се свика следната седница. Не го објавувам, не е за споделување на датумот со јавноста, туку ќе се свика и во моментот кога ќе се свика седницата ќе се гласа“, рече Ахмети.